Кампањата „Напред розово“ во сабота во Градски парк

По шести пат, на 17 мај на Школка во Градскиот парк ќе се организира кампањата за борба против ракот на дојката „Напред розово 2014 – чекори против ракот на дојка“. Целта на настанот е подигнување на свеста кај населението за ракот на дојката како потенцијално излечлива болест, како и помош и поддршка на жени со такво заболување.

Напред розово

Според податоците на Меѓународната агенција за истражување на ракот „Глобокан“, во 2012 година во Македонија се регистрирани 1.152 новозаболени од рак на дојка, од кои околу 400 починале. Кампањата Напред розово 2014 ја организира Здружението Борка – За секој нов ден во соработка со Американската амбасада.

Во рамките на кампањата ќе се организира Розовата прошетка, како и Розовото возење со велосипеди во соработка со неформалната група „На Точак“ која го популаризира урбаното возењето на велосипеди, рекреацијата и здравиот живот. Велосипедистите ќе извозат рута во должина од пет километри низ центарот на градот, а потоа ќе се приклучат кон Розовата прошетка.

Здружението „Борка“ отвори веб страна посветена на кампањата „Напред розово `14“ и за сите активности може да се информирате на следниот ЛИНК.