Јапонка докторира за српскиот турбо-фолк

Музикологот Фуми Уехата во Осака ќе брани докторска дисертација за новокомпонираната српска музика. Србија ја засакала преку народната музика, а Цеца, Сека Алексиќ и Вики Миљковиќ ѝ се омилени пејачки.

За Фуми, српските „народњаци“ се „закон“. Цеца, Сека, Вики и секако Џеј Рамадановски, се квалитетни музичари, а нивните хитови и песните на другите изведувачи се забавни и привлечни композиции. Толку ѝ се допаѓаат, што ги избрала за тема за својот докторат.

Во Србија дошла на студентска размена пред 14 години. До 2006 година студирала на Филозофскиот факултет во Белград. Живеејќи во студентски дом на Звездара, каде вели дека често се правеле забави, прв пат го слушнала дотогаш најнеобичниот звук – српските народњаци.

„На почетокот не ми се допадна многу, но кога се вратив во Јапонија, во родната Осака, ми недостасуваше сѐ што е карактеристично за Србија и почнав многу да слушам народна музика“, раскажува Уехата. „Има неколку песни кои баш ги сакам – „Београд“ од Цеца, „Махинално“ од Вики Миљковиќ, „Тако млада“ од Тања Савиќ и „Црно и златно“ од Сека Алексиќ…“.

Фуми вели дека памети необична ситуација која  ѝ се случила на почетокот на студиите во Белград.

„На новогодишна забава појдов со пријателки кои изрично велеа дека не слушаат народњаци, но кога на забавата се пушти песна од Цеца, сите во истиот момент почнаа да пејат заедно и го знаеја секој збор. Бев изненадена, бидејќи таква ситуација е незамислива во Јапонија“, вели таа.

Додипломските и магистерските студии ги завршила на катедрата за општа уметност и музикологија. После повеќе години поминати во Јапонија, Фуми пред три години добила државна стипендија од Јапонија за докторски студии, и на нејзина голема радост повторно се вратила во Белград.

„Знаев добро какви се во јавноста и меѓу критичарите оцените за народната музика, но овие критичари не ги ни слушаат луѓето од таа музичка индустрија, ниту пејачките, ниту аранжерите, ниту композиторите“, тврди Фуми. „Ниту пак објасниле, на пример, што авторите на ваква музика и култура мислат за својата музика и со каква цел ја креираат. Затоа, сакав да ја проучувам таа музика од сосема нов аспект, без негативен став кој за неа го имаат не само критичарите, туку и повеќето од луѓето“.

Темата на нејзината дисертација гласи „Студија за репрезентацијата и рецепцијата на музичкото изразување на народниот идентитет во поп-фолк музиката во Србија“. Кон крајот на оваа година ќе го брани докторскиот труд на Универзитетот на Осака во Јапонија.

„Јас Србија ја засакав преку музиката. Се воодушевувам на тоа што имате многу богата музичка култура, без оглед на тоа дали композициите се стари или нови“, вели таа за novosti.rs.

„Ги има многу оние кои ја критикуваат ваквата музика како неквалитетна, но во тие критични видови постои доминантно, но веќе застарено разгледување на културата и уметноста. Според неа – колку е постаро и поедноставно, толку е повредно. Нема смисол квалитетот на современата народна музика да се оценува од вакво гледиште. Важно е да се признае дека сите видови на музика имаат различна вредност и културна позадина. Ако некој има таков пристап кон музиката, може да се ужива во убавината на сите видови музика“.

Порано повеќе слушала и српски рок, поп и хип хоп, особено „С времена на време“ и „Смак“, но претежно слуша народна музика и често обраќа внимание на менувањето на трендовите и стилот, какви влијанија доаѓаат од другите земји и музички жанрови.

„Во Јапонија, за жал, нема посебен клуб и место каде може да се слушне српска новокомпонирана народна музика“, вели Фуми. „Имаме можност да гледаме српски филмови во кои се слуша народна музика и да уживаме во ретки концерти, претежно на трубачи. Србија многу ми недостига, па се радувам што државната стипендија ми трае уште три години па често ќе доаѓам. Во меѓувреме, кога и да имам презентација на меѓународни конференции или на факултети, користам српска новокомпонирана и народна музика. Во тие можности, секогаш добивам позитивна реакција од колегите кои прв пат ја слушаат српската народна музика“, заклучува Фуми.

//