Јан Харлан, продуцентот на Кјубрик, вечерва на Скопје филм фестивал

По проекцијата на филмот „Пеколен портокал“ во 17 часот, вечерва во кино „Милениум“, во рамки на Скопје филм фестивал, предавање и разговор со публиката ќе одржи Јан Харлан, продуцент и еден од најголемите познавачи на делото на легендарниот режисер Стенли Кјубрик.

Харлан е извршен продуцент на ремек делата на Кјубрик: „Пеколен портокал“, “Очи широко затворени“, „Сјајење“, „Бери Линдон“, „Full Metal Jacket“ и други. Поводот за гостувањето на Харлан на Скопје филм фестивал е првата македонска ретроспектива на еден од најголемите светски режисери која се одржува во рамки на фестивалската програма.

Разговорот со Јан Харлан ќе го води Гена Теодосиевска.

Во рамки на програмата на 20-тиот Скопје филм фестивал, во кината Милениум и Фросина, како ретроспектива на Кјубрик се прикажуваат филмовите: „Бери Линдон“ (1975), „2001: Одисеја во вселената“ (1968), „Пеколен портокал“ (1971), „Лолита“ (1962) и „Сјаење“ (1980).

За денеска, на програмата на Скопје филм фестивал во кино „Милениум“ од 20 часот е и индискиата историска драма „Куќата на вицекралот“, а во 22 часот и француско-белгискиот хорор „Сурово“.