Извештај „Преживувајќи го студот“: Провев и мувла во голем број македонски домаќинства

Секое второ македонско домаќинство живее со провев, а секое шесто семејство има мувла во своите домови. Овие податоци ги покажува извештајот „Енергетска сиромаштија во југоисточна Европа: Преживувајќи го студот“.

Во Македонија повеќето од домаќинствата го намалиле животниот простор во кој се греат во зимскиот период од просечните 85, на 70 метри квадратни. Анализата на собраните податоци покажала дека повеќето од посетените домови имаат од 3 до 5 членови и дека скоро 60% од нив живеат во домови изградени пред 35 до 60 години.provev-i-muvla-vo-makedonski-domacinstva

„Живеењето во енергетска сиромаштија е докажано дека има негативни ефекти врз здравјето на луѓето, од голема распространетост на белодробни болести до зголемување на бројот на смртни случаи во зима и влошено ментално здравје“, заклучуваат авторите на извештајот.

40% од градбите немаат изолација, што комбинирано со 47% од домаќинствата кои се греат на огревно дрво и 18% на електрични греалки, укажува на високо ниво на неефикасност, недомаќинско трошење и губење на топлинска енергија. Просечното семејство посетено во истражувањето трошело 5.295 кв/ч електрична енергија, додека националниот просек е 5.423 кв/ч.

Енергетската сиромаштија претставува неможност домаќинството да обезбеди адекватни количини на енергија во домот за секојдневните потреби. Извештајот наведува дека несаканите ефекти од енергетската сиромаштија се особено евидентни во регионот на југоисточна Европа.

„Неспособноста на владите да ја адресираат енергетската сиромаштија во југоисточна Европа ја зголемува заканата од отшумување, бидејќи нелегалната сеча од страна на ранливите потрошувачи се смета како единствена опција за преживување на студените зими“, пишува во заклучоците од извештајот.

cena-na-elektricna-energija-vo-domacinstva

Корисниците на социјална помош се значително повеќе енергетски сиромашни од просекот, додека домаќинства та со еден родител се со поголема веројатност да бидат енергетски сиромашни отколку оние со двајца родители. Пензионерите се почесто енергетски сиромашни отколку вработените лица, утврдило истражувањето за потребите на извештајот.

Документот е дел од регионалниот проект СЕЕ СЕП, изработен со помош на Европската Унија, со главна цел да се подигне свеста и да се поттикнат алтернативни политики за одржлива енергија за југоисточна Европа. Податоците за потрошувачката на енергија и условите на домување во Македонија биле добиени по анализа на 206 домаќинства.