Изложба на колажи од Тања Таневска во Чифте амам

Изложба на седумдесетина колажи од Тања Таневска, насловена „Ликовна симфонија на душата“, вечерва во 19:30 часот ќе биде отворена во галеријата Чифте амам во организација на Националната галерија на Македонија (НГМ).

Колажите се изработени во изминатите седум години и со нив, како што наведува НГМ, авторката го проширува ликовниот репертоар со нови изразни можности, впечатливи, визуелни и естетски проникнувања, вметнување ликовен говор на материјалите.

„Таневска ја потврдува иновативната и експериментална природа, покажува дека освен што поседува неисцрпна инспирација, таа ја потврдува и сопствената неисцрпна енергија“, соопшти НГМ во најавата на изложбата.

Тања Таневска досега реализирала 25 самостојни изложби во Македонија, а изложувала и во Париз, Берлин, Дрезден, Белград, Загреб, Марибор. Учествувала на повеќе од 220 групни изложби во земјава и странство. Член е на Друштвото на ликовните уметници на Македонија (ДЛУМ).