Изложба и интерактивни еколошки игри за деца во градскиот парк во Скопје

Со изложба на фотографии и со едукативни игри за деца од областа на екологијата, утре во 12 часот, во градскиот парк во Скопје, ќе биде одбележан Денот на зелениот појас.

Настанот кој је започне со изложба на зелениот појас во Македонија и доделувањето награди за најдобрите фотографии во кафулето „Централ Парк“, до езерцето во градскиот парк, го организираат Македонското еколошко друштво (МЕД), во соработка со Институтот за биологија при ПМФ, Македонско биолошко друштво, Истражувачкото друштво на студенти биолози и Првиот скопски извиднички одред од Скопје со поддршка на Фондацијата Еуронатур.

На настанот ќе има повеќе активности за забава и едукација на најмладите

Вториот дел од настанот предвидува интерактивни игри за деца со едукативна еколошка содржина. Игрите кои ќе се одвиваат на повеќе локации околу езерцето ќе им помогнат на најмладите да научат нешто повеќе за животот на рисот, инсектите и птиците.

Македонија, како дел од иницијативата „Европски зелен појас“, втора година по ред го одбележува овој значаен ден и ја подигнува свеста на граѓаните за богатите предели кои се дел од Балканскиот зелен појас.

Иницијативата „Европски зелен појас“ е насочена кон зачувување на значајните предели во Европа кои се зачувале благодарение на намаленото движење за време на студената војна.

Еколошката мрежа „Европски зелен појас“ поминува низ 24 европски земји.