Изгласан Законот за јазиците – што понатаму?

Со 64 гласа и во тензична атмосфера, на раб на физичка пресметка, вчера попладне беше изгласан Законот за јазиците во трето читање, откако еднаш претседателот Ѓорѓе Иванов одби да го потпише.

Шефот на државата и синоќа во обраќање до јавноста изјави дека „Уставот и совеста не му дозволуваат да го потпише Указот за прогласување на Законот“.

Од сите страни стигнуваат реакции во кои или се поздравува или се оспорува Законот и начинот на неговото донесување. Агенцијата „Мета“ издвојува неколку сценарија за судбината и примената на Законот по неговото изгласување:

1. Иванов да го потпише Указот (малку веројатно)
2. Иванов да не го потпише (иако, според Уставот, нема право на второ вето, односно ако веќе одбил да потпише указ за закон и тоа во повторена постапка на гласање повторно е донесен од пратениците е должен да го потпише указот)
3. Уставна криза – Никој со сила не може да го натера Иванов да стави потпис на Указот, но тоа веќе ќе создаде уставна криза – веќе изгласано законско решение да остане непотпишано.
4. Тужби пред Управниот суд за утврдување надлежност и повреда на управна постапка.
5. Без потпишан указ од претседателот на Републиката законот НЕ МОЖЕ да биде објавен во „Службен весник“, а штом не е објавен не може да стапи на сила и не може да се применува во практика.
6. Уставот не утврдил рок кога претседателот треба да го потпише указот што значи остава широк простор за блокада на објавувањето на законот и неговото влегување во сила.
7. Да се поднесе (кој?) барање за автоматско објавување на Законот за употреба на јазиците во „Службен весник“ за да започне и официјално да се применува.
8. Серија претставки до Уставниот суд.

Со Законот за употреба на јазиците се предвидува сите закони и други акти донесени од Собранието, како и Владата да се објавуваат и на албански јазик. Истовремено, албанскиот јазик станува службен и во институциите на централната власт, односно ќе се применува во сите постапки на граѓаните пред сите органи што ја сочинуваат државната власт. Со Законот судовите и јавните обвинителства, треба да овозможат примена на кој било од службените јазици и нивните писма во постапките, а двојазичност се предвидува и во органите на локалната самоуправа. За спроведување на Законот ќе се грижи Агенцијата за примена на јазикот, за која ќе се двојат 1,7 милиони евра годишно, како и Инспекторат за употреба на јазиците кој ќе работи под Министерството за правда.