„Инспирирај младинско учество“ – отворен ден на НМСМ во Скопје

„Инспирирај младинско учество “ е темата на денешниот Младински отворен ден, на кој младите и младинските организации имаат шанса да се запознаат меѓусебно и да започнат соработка. Целта на настанот, како што појаснуваат од Националниот младински совет на Македонија (НМСМ) е поттикнување на младинскиот активизам на различни полиња.

„Сега за сега интересот на младите за учество во младинските организации не е многу голем, но може да се работи на тоа да биде поголем. Доста присутна е и апатијата, со тоа би се согласиле сите и затоа овие отворени денови имаат за цел да ги зближат младите поблиску до организациите и да сфатат дека не е тешко да бидеш член на организација, туку напротив организациите се тука за тебе и работат за тебе. Тогаш интересот ќе биде уште поголем и ќе биде обратна ситуација односно младите ќе бараат да членуваат во организации, а не организациите да „трчаат“ по членство,“ изјави Андреа Угриноска од секретарјатот на НМСМ.

На отворениот ден учество земаа повеќе младински организации меѓу кои Црвен крст на Македонија, Х.Е.Р.А, МОФ, Албанска унија на студенти, Романо Авази, Сојуз на извидници на Македонија, Биди Зелен, Крик, Music for Social Change, Not for profits и други.

„Од лично искуство можам да кажам дека се забележува се поголема инволвираност и мотивација кај младите да бидат членови на вакви организации, а и од членовите во нашата организација забележувам дека младите се повеќе и повеќе се заинтересирани, како за организациите, така и за општествените промени и за тоа што можат тие да променат во општеството и животната средина,“вели член на здружението „Биди Зелен“ од Скопје.

Од организацијата „Романо Авази“ ( Ромски глас) велат дека кај младите Роми има голем интерес за  младинските организации.

„Ромите важат за личности што не учествуваат во младински организации, меѓутоа Ромите се личности кои сакаат да учествуваат, но немаат можност и место каде да се искажат,“изјави Ферик Сулејманов од „Романо Авази“.

Младински отворенинови денови освен во Скопје беа организирани и Тетово, Струга, Штип, Кичево, Куманово и Битола. Како што посочуваат од НМС , со овој проект тие се обидуваат да ги обединат организациите кои работат на национално и регинално ниво и младите, без разлика на социо-економска положба, пол, етничко и културно потекло, политичко и верско уверување, сексуална ориентација , родов идентитет или било која друга форма на разлика.

Ирена Чаушки