„И мажите можат“ да готват, пеглаат, да си играт со децата

И мажите пеглаат, готват и си играат со децата потсети првиот саем за мажи насловен „И мажите можат“ кој се одржа во саботата во Јавна соба-Скопје. Овој настан е дел од истоимената национална кампања чија цел е да го промовира вклучувањето на мажите и момчињата за родова еднаквост.

На настанот учесниците ги градеа своите вештини во кујна преку подготовка на фамилијарен оброк и подготовка на привлечни и здрави оброци за деца. Рецептите за ужинки беа на Џорџ Георгиевски- таткото од Австралија со македонско потекло кој стана хит на социјалните мрежи со подготовка на ужинка, и кој официјално даде поддршка и на македонската кампања „И мажите можат“.

На настанот учесниците исто така имаа шанса да стекнат вештини за пеглање, диплење и анимирање на деца со театар на сенки. Инструктори на работилниците беа Антонио Ѓорѓиевски (професионален млад готвач кој готви и секојдневно за семејството), Самет Шабани и Александар Грујиќ (млади луѓе чие хоби е пеглањето) и Круме Стефановски (основач на театарската група „Сенки и облаци“ и посветен татко).

Во своите први чекори кампањата се фокусира на промовирање на позитивните примери на татковството и старателството во секојдневниот живот во семејствата, како и грижа во домот.

„За прв пат во Македонија се случи ваков настан. Работилниците поминаа одлично и гледаме дека јавноста реагира на пристапот. Од аспект на иновација, овој пристап има голем потенцијал. Се разбира дека не е само прашањето на пеглање и готвење кога зборуваме за родова еднаквост, но вклучувањето на мажите и започнување на една широка дискусија за нивното вклучување е особено важно. Овој настан го организиравме како перформанс за споделување на пораки на позитивни примери, но во иднина потребно се пошироки акции на сите нивоа на општественото живеење и сите заедно и мажите и жените да застанат зад барањата за поголема родовата еднаквост. Само во општество кое е праведно и нуди еднакви можности и услови за сите може да случи вистински напредок. “ изјави Ирина Јаневска од АРНО.

Кампањата се одвива во рамки на проектот „Вклучување на мажите и момчињата за родова еднаквост“ кој го имплементира Здружение за социјални иновации „АРНО“. Партнери се со Y-PEER Македонија со поддршка на Регионалната канцеларија на УНФПА за Источна Европа и Централна Азија. Организации кои го поддржуваат проектот во Македонија се: Здружение Родова Перспектива, Здружение за еднакви можности „СЕМПЕР“ – Битола , ЖЕНСКИ ФОРУМ –ТЕТОВО, Женска Граѓанска Иницијатива АНТИКО, ЕХО Едукативно-хуманитарна организација, Tiiiit !Inc и Организација жени на град Скопје и Национална мрежа против насилство врз жените и семејното насилство.