Human Rights Watch: Македонската полиција тепала мигранти и бегалци со методи од Голи Оток

Македонските полицајци малтретирале, навредувале и им се заканувале на дел од мигрантите што лани и оваа година поминале низ државава во обид да побараат азил во западноевропските земји, открива меѓународната организација за заштита на човековите права „Human Rights Watch“ во својот извештај „Како да не сме човечки суштества“, објави „Призма“.

Според изјавите на интервјуираните, полицајците се делеле во две колони и ги терале бегалците и мигрантите да трчаат меѓу нив додека ги тепале со пендреци, ги мавале по грбот, по рацете и ги клоцале. Ова го потврдиле девет бегалци, во одвоени интервјуа.

Како што пишува „Призма“, со оваа процедура, наречена „топол зајак“, југословенските власти ги казнувале затворениците на озлогласениот Голи Оток, за време на Титова СФРЈ.

„Human Rights Watch“ објавува и случаи на насилство во македонските полициски станици, на границата со Грција како и во Центарот за странци во Гази Баба, кој беше затворен пред неколку месеци, под силен притисок од меѓународната заедница и од невладините организации за човекови права. Сите случувања се однесуваат на периодот кога во Македонија не беа донесени измените во Законот за азил, со кој во јуни годинава беше предвидено дека бегалците и мигрантите имаат право да користат јавен превоз и добија рок од 72 часа за да поднесат барање за признавање право на азил.

Во извештајот од меѓународната организација се бара премиерот Никола Груевски јавно и недвосмислено да ги осуди сите злоупотреби на полицијата врз мигрантите и врз барателите на азил. Исто така се препорачува да запре притворањето на барателите на азил и мигранти со цел да се обезбеди нивното сведочење пред суд во процесите против криумчарите на мигранти.

Од „Human Rights Watch“ бараат и Европската унија јавно да ја искаже својата загриженост околу притворот, како и за фактот дека Македонија не ги исполнува меѓународните, регионалните и ЕУ стандардите во овие случаи.