Граѓанските активисти во Унгарија стравуваат од намерите на Орбан, по инаугурацијата на Трамп

Граѓанските организации во Унгарија поддржани од странски држави, помеѓу нив и оние финансирани од либералниот филантроп милијардер, Џорџ Сорос, се плашат дека можат да бидат мета на популистичката десничарска влада охрабрена од изборот на Доналд Трамп, пишува британски Гардијан.

Унгарската влада планира да ги принуди лидерите на невладините организации (НВО) да го пријават нивниот приватен имот, на ист начин како што тоа го прават членовите на парламентот и јавните службеници, во одлука која е опишана како „заплашување“ од страна на граѓанското општество. Предлогот е закажан да се појави пред парламентот во април, според новата законодавна агенда за 2017-та година.

На потегот се гледа како на последен чекор во кампањата на премиерот Виктор Орбан да ја претвори Унгарија во специфична „нелиберална држава“, која предизвика голема меѓународна критика дека се уништува демократијата во земјата, која од 2004 година е членка на Европската Унија.

Орбан веќе е под широка осуда околу наводните чекори кои ја нарушуваат слободата на медиумите и ја нарушуваат независноста на судот, по 2010-та година, откако на власт е неговата партија Фидес.

Дел од граѓанските активисти се плашат дека за премиерот, кој претходно ги има критикувано граѓанските организации како „платени политички активисти… кои промовираат странски интереси“, престојната инаугурација на Трамп за американски претседател може да создаде прилика за пофокусирана пресметка со нив.

„Како последица на изборот на Доналд Трамп, Орбан дефинитивно чувствува дека еден од двата единствени меѓународни играчи – САД и ЕУ, кои се грижат за ситуацијата со НВО секторот во Унгарија, сега е на негова страна затоа што Трамп е жесток противник на Џорџ Сорос“, смета Питер Креко, претставник на Институтот за политички капитал. Неговата тинк-тенк организација, со седиште во Будимпешта, е една од 60-те унгарски групи кои добиваат грантови од Фондацијата „Отворено општество“ на Сорос.

„Орбан очекува дека ако ги нападне НВО финансирани од Сорос оваа година, американскиот Стејт департмент и американската амбасада во Букурешт нема да ги бранат на ист начин како претходно“, додава Креко.

Во говор од 2014-та година на Барак Обама, Унгарија беше посочена како една од неколкуте земји виновни за „бескрајни регулации и отворени заплашувања“ на граѓанското општество, кое, според американскиот претседател, е дел од „кампањата да се поткопа идејата за демократија“.

Такви критики можат помалку да се очекуваат од Трамп, кого Сорос, кој финансиски ја поддржуваше Хилари Клинтон, го нарече „потенцијален диктатор“.

Орбан во неодамнешно интервју веќе зборуваше позитивно за Трамп и го издвои Сорос, кој е роден во Унгарија.

„Во секоја држава ќе сакаат да го отстранат Сорос. Ова веќе може да се види во Европа. Истражуваат од каде доаѓаат парите, какви разузнавачки поврзаности постојат, кои НВО-а претставуваат какви интереси“, рекол Орбан за вебсајтот 888.hu.

Иронично, но Орбан има добиено грант од Фондацијата „Отворено општество“ за да студира политички науки на Пемброук Колеџот на Универзитетот во Оксфорд во 1989 година.

„Кај Орбан има очекување дека ќе се отвори повеќе простор за унгарската влада да спроведува мерки кои според нас би ја нарушиле демократската власт и владеењето на правото“, вели Марта Пардави, едедн од директорите на Хелсиншкиот комитет за човекови права на Унгарија.

„Администрацијата на Трамп помага во тоа. Орбан исто така верува дека оваа година на власт во Франција, Холандија и Германија ќе има влади или политички партии кои би ја зацврстиле унгарската позиција и мислењата во ЕУ“, дополнува Пардави.

Владата на Орбан претходно се судри со НВО секторот во 2014-та година, кога полицијата упадна во три групации делумно финансирани преку норвешки грантови, формирани од ЕУ, Норвешка, Исланд и Лихтенштајн да финансираат проекти во делумно-развиените европски економии. Некои организации и нивните сметки беа замрзнати, ефективно прекинувајќи ја нивната способност да функционираат.

Претставниците на граѓанските организации се плашат дека слични бирократски пречки би ги попречувале во иднина групите кои се главни во откривањето корупција, одбраната на бегалците и мигрантите и во промовирањето човекови права.

„Загрижувачки е за нас и нашите клиенти. Доколку ваквите административни барања имаат цел да не оттргнат од нашата вистинска мисија, тоа е проблем. Се работи за тренд кој го гледаме низ светот, кои репресивните влади ги применуваат на организациите како нашата, на пример во Русија или Египет“, објаснува Стефаниа Капрончај, извршен директор на Унијата за граѓански слободи од Унгарија, кои добиле околу половина од средствата во 2015-та преку грантови од Сорос.

„Доколку треба да поднесуваме финансиски извештаи секои три или шест месеци, ние немаме капацитет да се справиме со тоа. Истовремено, информациите ќе се користат од властите да се оцрнат граѓанските организации и да покажат дека сме финансирани од странство“, истакнува таа.

Крис Стоун, претседателот на Фондацијата отворено општество, инсистира дека организацијата ќе продолжи со работа во Унгарија и покрај противењето на власта, но признава дека ситуацијата може да биде „тест-случај“ за ЕУ.

„Се уште не е, но да видиме што ќе направи Европа доколку ситуацијата во Унгарија се влоши. Тоа е прашање за цела Европа“, посочува.

Од Гардијан побарале коментар од портпаролот на Орбан, но до објавата на статијата не добиле одговор.