Граѓанскиот марш со порака: Нашето оружје е нашиот глас

Пред Собранието заврши граѓанскиот марш на кој неколку илјади луѓе се движеа по улиците низ Скопје со пораката „Борбата продолжува, гласот победува“.

Иницијаторот на маршот, по повод Денот на народноослободителната војна 11 октомври, беше опозицискиот СДСМ, а беше поддржан од повеќе граѓански здруженија, активисти и културно-уметнички работници.

Ѓорѓи Ѓорѓиевски од Сојузот на борци на НОБ, рече дека борбата на нивната генерација била вечна и нескршлива.

„Нашите први партизански одреди ги носеа имињата на големите борци: Гоце Делчев, Даме Груев, Јане Сандански и други и во нив се бореа сите што живеат на оваа територија. Мешани, различни, шарени исто како луѓето кои се сега овде“, рече Ѓорѓиевски.

Студентката Ивана Туфегџиќ рече дека илјадници млади заминале од државата затоа што власта го игнорира нивниот глас и упорно не им дава шанса.

„Сакам да живеам во држава која ми дава шанса за да успеам. Имаме должност да не се предадеме. А имаме избор. Изборот е: да си заминеме – или да ги победиме“, порача таа.

Претседателот на СДСМ, Зоран Заев рече дека денеска марширале во чест на партизанските одреди од цела Македонија и дека на овој начин граѓаните го кренале гласот и потврдиле дека борбата продолжува.

„Се бориме и ќе се избориме за слобода, правда, правичност и еднаквост. Дојде време да и дадеме ветување на Република Македонија. Во име на сите кои ги дадоа своите животи за нас и нашата заедничка татковина. Марширавме за враќање на државата во рацете на граѓаните“, рече Заев.

Маршот почна во 14 часот пред новите канцеларии на Специјалното јавно обвинителство и продолжи по булеварот „Партизански одреди“ до Собранието.

gragjanski-mars-sobranie-4

gragjanski-mars-sobranie-3

gragjanski-mars-sobranie-2