Град Скопје: Средните училишта во 2018 ќе добијат нови фасади, покриви, пристапни рампи и тоалети

Градоначалникот Петре Шилегов денеска на прес-конференција за новинарите рече дека Градот Скопје, во соработка со средните училишта што се под негова ингеренција, започнува инвестициски проект за реконструкција на фасадите и на инфраструктурата во објектите.

„Со реконструкцијата на фасадите ќе ги опфатиме сите  средни училишта коишто имаат потреба од тоа. Со ова училиштата ќе добијат енергетски ефикасни фасади, во согласност со современите стандарди за рационализација и за заштеда на електричната и на топлинската енергија. Покрај реконструкција на фасадите предвидена е  реконструкција на покривите и на надворешната столарија, таму каде што е потребно. Висината на средствата за оваа намена, предвидени во буџетот на Град Скопје изнесува 70 милиони  денари. Овие средства  ги обезбедивме со пренамена на средствата што беа предвидени за Скопје 2014“, истакна градоначалникот Шилегов.

Според Шилегов, годинешниов буџет на Град Скопје за образование е двојно зголемен во  споредба со лани, односно од 81,2 милиони денари на 163,2 милиони денари.

Исто така, кажа дека се предвидени уште 20 милиони денари, средства со кои ќе се изврши  доопремување на училиштата и ќе се уреди внатрешната инфраструктура согласно со приоритетите на секое од училиштата.

„Во рамките на овие реконструктивните активности се зема предвид и адаптацијата на просторот за пристапност на учениците со физичка попреченост. Тоа значи дека ќе се  изградат  надворешни и внатрешни рампи во училиштата каде што тие недостигаат, а исто така ќе се адаптираат и тоалетите во сите средни училишта на  Градот Скопје“, рече Шилегов на прес-конференцијата.

Градоначалникот потенцираше дека со овие активности се обезбедува еднаков пристап за сите, а  учениците со физичка попреченост ќе добијат пристап до секое средно училиште на Градот Скопје.

„Скопје го правиме енергетски ефикасен град, бидејќи Скопје е град за сите. Нашите деца заслужуваат да учат во подобри услови. Планираме тие услови да ги добијат со почетокот на новата учебна година“, изјави Шилегов на крајот од своето обраќање.