Гејмингот не е само губење време пред компјутер, туку спорт од кој може да се заработува

Во Македонија изминатите години се појавија голем број гејмери, чија посветеност и „талент“ беа наградувани на светски турнири. Сепак, нивниот успех најчесто поминува незабележан. Главната слика за оваа „млада“ индустрија е дека претставува губење време и оти младите се антисоцијализираат со тоа што се цело време пред компјутер. Воедно, државата се уште не го официјализирала гејмингот како е-спорт, што дополнително ги обесхрабрува младите целосно да му се посветат, додека на светско ниво, тоа веќе се смета за одлична инвестиција.

„Посебно искуство беше финалето кое што се играше во кино сала каде што и двата тима беа во звучно изолирани кутии поставени на бината. Публиката, од која што не делеше само стаклото од кутиите, навиваше страствено за домашната екипа се до некаде при средина на втората игра кога веројатно увидоа кој е подобриот тим и почнаа да аплаудираат и за нас што за мене лично беше најдобриот момент на турнирот“ се потсетува Дарио Пиперкоски, капитен на тимот за играта DOTA2 од Mischievous, кој пред речиси еден месец победи на меѓународниот турнир во Косово.

Неговиот соиграч, но од тимот за играта CS:GO, капитенот Константин Пејоски вели дека е потребно да се организираат повеќе настани од таков карактер во Македонија за да се разбуди свеста кај луѓето што не се толку запознаени со е-спортот во целост. Нивното последно учество каде зеле прво место е на турнирот што се одржа во Скопје во гејминг центарот „Indigo”.

Според нив, потребно е да му се покаже на светот дека државата може да биде добра во повеќе нешта, бидејќи како што велат, таа има многу талентирани луѓе.

„За жал, сега за сега ние сме само тим од Македонија што сака да покаже дека и тука постојат екипи кои што сакаат и можат да се надигруваат со екипи на регионално, па и на светско ниво но не сме официјални претставници на Македонија, бидејќи нели за да бидеме претставници треба за почеток е-спортот да биде признаен како спорт во Македонија. Да има дивизии за секоја игра посебно, а потоа тимовите кои што ја претставуваат Македонија да добиваат некакви бенефиции, а не сами да се снаоѓаат парично за да можат да присуствуваат на турнири надвор од нашата држава“, велат од Mischievous.

Лани во јануари, пратеничката на СДСМ, Лидија Димова, при расправата на Законот за спорт предложи додавање на видеоигрите и игрите со карти. Таа побара можност за отворање на законот и негово подобрување, меѓу другото, со додавање на е-спортот. Сепак, тоа остана само на збор. Една година подоцна, работите не мрднале, вели Самоил Петрески од „Гоблин друштвени игри“, кој и самиот беше дел од отворената дискусија.

„Од тогаш, нема ништо конкретно. Кај нас сè се сведува на популизам на партиите. Тогаш беа опозиција, сега се на власт, сега не знам колку ги интересира тоа“, смета тој, појаснувајќи дека по расправата, не биле контактирани за следен чекор.

На прашањето, зошто според него за гејмингот се уште постои стигма, тој вели:

„Одговорот и самите го знаете… затоа што се смета за нешто несериозно. Затоа што се смета дека повеќе се троши време, дека е лошо за кичма, или дека се седи по дома и се антисоцијализира. Од друга страна, тоа е модерна индустрија од која што може да се заработува и да се живее и да биде компетитивна“, забележува тој.

Петрески нагласува дека Македонија има веќе етаблирани „јутјубери“ и стримери на „Твич“.

„Тоа се индустриски гранки во кои луѓето може да опстојуваат. Тука има милион различни видови на работа. Во светот, универзитети веќе почнуваат да го изучуваат како предмет, почнува да се прифаќа како нешто нормално, како нешто дел од општеството“, додава тој.

„Зошто да не се направи чекор од тоа да се играат игри од забава, до нешто што треба сериозно да се сфати“, прашува.

Државата треба да го прифати е-спортот како дел од програмата на Агенцијата за млади и спорт, сметаат гејмерите. Барем за почеток да има посебен оддел за гејмингот, смета Петрески.

„Ништо повеќе не им треба на играчите отколку да ги сфатат сериозно и да им дадат поддршка, да ги признаат дека тие не се некои идиоти што трошат време по дома и седат пред компјутер“, вели револтирано.

„Ние кога организираме светски првенства, тоа што ни треба е простор да се случи. Толку е доволно за да се почне такво нешто, толку едноставни работи што државата ги има како ресурс. Тоа е маркетинг за самиот град, за самата држава“, додава.

Петрески се потсетува на првенството за „Меџик“, пред шест години кога се одржуваше во Собранието на Град Скопје. Тој настан, вели Петрески, учесници го паметат и денес, поради поддршката што ја добиле.

„Прво место во „Меџик“ е 250 000 долари, се даваат огромни пари за тоа и го гледаат илјадници луѓе на интернет“, истакнува Петрески, кој се надева дека целата иницијатива за признавање на гејмингот како е-спортот не спаднало на чист популизам на политичка партија, со цел да се придобијат гласови од младите пред избори.

Секој четврток на Радио МОФ може да се слушне новата емисија посветена за гејмингот „Gaming focus“ каде водител е Филип Ѓоршовски. И тој го препознава истиот проблем со занемарувањето на бенефитите од овој вид спорт.

„Проблемот кај нас е тоа што сфаќањата кај луѓето се дека игрите се само за деца, а тоа нема врска. Да, има игри за деца, но и за возрасни, кои бараат размислување, кои бараат да се вложиш, да се потрошиш малку за да ја разбереш играта. Ако земеме во предвид дека зад секоја добра игра стои добро сценарио, тим кој ја изработил, добра графика, програмери кои ја оптимизираат за да работи и на постари компјутери, треба да се види дека не бара ништо помалку од филмската индустрија“, вели Ѓоршовски.

„Епа сега, зошто да гледаме некоја серија, или некој филм, а да не играме. Значи, може да се гледаат турски серии, да отепаш четири часа од денот во гледање на 20 турски серии, ама не може да се седне два часа да се изигра некоја партија „Кантер“ или „ЛоЛ“, додава тој.

Според него, опкружувањето направило овие луѓе да се срамат што играат.

„Постарите така гледаат – срамота е на 20 и кусур години, види го цел ден седи игра игри, а тој гледа турски серии. Бесмислено е“, е одлучен Ѓоршовски.

Гејмингот како индустрија добива популарност во 2000-та година. Во Македонија, пак, граѓаните најмногу се запознаа со овој спорт кога минатата година македонскиот гејмер Мартин Саздов „Сакса“ беше дел од тимот кој освои второ место на светскиот турнир за Дота2. Но, тој мораше да учествува во тим што не е од Македонија.

Мартин Саздов и Digital Chaos освоија второ место на Интернационалниот турнир Дота 2

Проблемот за недостигот на македонски тимови на вакви првенства, за тимот Mischievous, е тоа  што не сите играчи се спремни да се посветат целосно поради што се троши талентот залудно. Тука, според нив, многу би помогнале македонски е-спорт организации.

Тие го споменуваат и фактот што со играњето компјутерски игри се подобруваат когнитивните способности, гејмингот може да биде профитабилно хоби/професија како што е фудбалот, кошарката или било кој друг спорт.

„Да бидам фер, не сметаме само ние дека е губење на време. Како и да е, ова би можело да се промени само со смена на генерации бидејќи ваквото мислење секогаш ќе го имаат постарите луѓе.  А ние, можеме да пробаме да го смениме ова со тоа што ќе им покажеме дека има профит во тоа да се биде дел од вакви настани и да се гради ваква индустрија, како што веќе е случајот во многу земји. Но за жал потребно е време и повеќе успешни примери за да луѓето го сфатат тоа“, велат оттаму.

Она што им треба, сметаат тие, е поддршка од индустриите и компаниите во Македонија, кои би инвестирале време и пари за да им помогнат во развојот на оваа индустрија.

„Сметаме дека на крајот ова може да биде прашање на национална гордост. Ние тука имаме гејмери од највисоко ниво, кои можат да достигнат многу во светот и да ни помогнат да го рашириме македонското знаме околу светот, но затоа мора повторно да нагласиме дека ни треба помош од Владата (да донесат нови закони и со финансиска помош) и локалните компании за да може сето ова да се реализира“, заклучуваат од Mischievous.

Агенцијата за млади и спорт ветува поддршка

Агенцијата за млади и спорт ги следи успесите на гејмерите и е подготвена да даде поддршка за нивно развивање, вели нејзиниот директор Дарко Каевски.

„Македонија е меѓу 24-те земји од светот каде што овој спорт е во процес на признавање. Агенцијата за млади и спорт ги следи спортските трендови и новитети, и се што е во интерес на спортот, на младата популација ќе го прифатиме и ќе го прилагодиме да одговара на нашиот спортски систем. Не гледаме пречка овој вид на спорт/вештина да не биде дел и од нашиот спортски систем знаејќи го интересот (особено кај младите) за гејмингот“, ветува Каевски.

Сепак, вели дека „промоцијата на гејмингот може да биде поддржана кога за тоа ќе бидат создадени услови, а за што претходно стручните служби во институцијата взаемно ќе треба да подготват соодветна анализа“.

„Во моментот на целосно признавање на е – спортот, Агенцијата за млади и спорт заедно со сите засегнати страни ќе пристапи кон промоција и афирмирање на овој спорт, кој веројатно ќе биде дел од Летните Олимписки Игри 2024 година во Париз“, информира Каевски.

Емилија Петреска