[Галерија] Младите го разубавија Велес

Во периодот од 28-ми септември до 4-ти октомври 2015 година беше реализирана младинската волонтерска акција „Млади, мурали и јавни простори“ која се одржа на неколку различни локации во Велес – Младински парк, Мал мост и Амфи-театар. На настанот присуствуваа 15 волонтери и истиот имаше за цел вклучување на младите во грижата за јавните простори и нивно креативно уредување, како и подигање на свеста на граѓаните за достапноста, уредувањето и грижата за јавните простори.

„Јавниот простор е елемент на градот кој припаѓа на сите. Препознавме делови на градот кои се навидум невидливи поради сличноста на опкружувањето и решивме да ги оживееме, да ги направиме видливи места на кои би се аплицирала некаква уметност. Со тоа на суптилен начин ги оживуваме просторите, внесуваме  пријатни промени на околината и преку безименост сведочиме за креативниот потенцијал кој го има Велес, Македонија воопшто. Би сакале ова да е само почеток на реализирањето на креативноста и иновативноста на сите сфери од општеството. Ѕидовите обично се разгледувани како објекти кои раздвојуваат, но за нас беа парчиња способни да ни го примат ентузијазмот и позитивната енергија која сме желни да ја рашириме што подалеку“ изјави Александра Алексовска, координатор на акцијата.

Волонтерската акција се состоеше од цртање мурали на одобрени локации од страна на Општина Велес, во која што студенти со различни профили, уметници, архитекти, инженери и дизајнери, преку употреба на боја, форма и композиција се обидоа да го разубават просторот кој припаѓа на сите граѓани.

Акцијата се спроведуваше во рамки на Проектот на УСАИД за граѓанско општество и Проектот „Младите онлајн – Радио МОФ“.