[Фото] Искинати банери за референдумот во Валандово против рудници

Граѓанската иницијатива „Спас за Валандово“ на Фејсбук сподели фотографии од отстранети и искинати банери во Валандово, кои биле дел од нивната кампања против отворање рудници во ова општина, во пресрет на локалниот референдум кој ќе се одржи на 20 август.

„Вандализмот не престанува, сите банери во Валандово се отстранети и искинати. Виновниците мора да се пронајдат и казнат. МВР???“, напишаа од иницијативата заедно со неколкуте фотографии од пресечени банери преку кои се повикуваа граѓаните да гласаат „против“ отворање рудници во општината.

Ова не е прв пат да се отстрануваат или уништуваат материјали од кампањата на „Спас за Валандово“, кои претходно реагираа за притисоци и заплашувања врз активисти од иницијативата и граѓани на општината.

Досега беа одржани три успешни референдуми, на кои граѓаните на Гевгелија, Богданци и Дојран гласаа против постоечките или изградба на идни рудници на териториите на нивните општини.