Филмот „Добра ноќ“ е победник на Средношколскиот филмски фестивал

Филмот „Добра ноќ“, во режија на Сергеј Сарчевски е победник на првиот Средношколски филмски фестивал кој се одржа во рамки на манифестацијата „Три дена култура“, во скопската гимназија „Никола Карев“.  На Средношколскиот филмски фестивал, којшто претставува прв ваков фестивал беа прикажани седум кратки филмови снимени од средношколци: „Лица“ чиј режисер е Ханис Багашов, „Земја од иднината“ од Берат Ахметај, „Секунда…до вечноста“ од Ана Андонова, „Фауст“ од Бојан Таневски, „Ковач“ од Горан Поповски, „Филм со главен лик“ од Филип Лафазановски и победничкиот „Добра ноќ“ од Сергеј Сарчевски.

На настанот беа прикажани и неколку кратки филмови од гостите на фестивалот – студенти коишто имаат изработено свој филм, како и филмот „Отров“ од членовите на школата за уметност „Џолев и уметностите“.

По проекциите следуваше кратка дискусија со Дејан Џолев кој ги пофали филмовите на средношколците кажувајќи им дека меѓусебната поддршка е една од најбитните елементи од создавањето на успешен филм.
Додаде и дека инспирација за филмот ,,Отров” е неквалитетното образование во Македонија.

,,Пред сѐ мора да разграничиме. Постојат два вида на медиуми – едниот се вика филмска индустрија, а другиот се вика филмска уметност. Филмската индустрија има за цел да создава пари, што не е воопшто лошо, додека пак филмската уметност има за цел да создаде идеи, што исто така не е лошо“ – одговори Џолев на едно од поставените прашања.

Ана Илиева и Стефан Митиќ