Фејсбук поседува четири од петте најпреземани апликации во светот

Фејсбук продолжува да расте, а тоа го покажува и новото рангирање на апликации кои биле најпреземани во првиот квартал од оваа година. Според листата, направена од аналитичката фирма Sensor Tower, четири од вкупно пет апликации кои се најпреземани во светот, се всушност во сопственост на Фејсбук. Она што е интересно, Нетфликс се уште ја владее листата.

Истражувањето покажало дека Ватсап, Фејсбук, Месинџер, Инстаграм и Снепчет се најпреземани апликации во првите три месеци од годинава.

Иако бројките се разликуваат при споредба на онлајн продавниците на Епл и Гугл, една заедничка работа за двете платформи е тоа што Фејсбук поседува четири од петте најпреземани апликации во светот.

Но, додека Фејсбук доминира на пазарот на апликации во однос на преземање, апликациите за видео и аудио стриминг доминираат на топ листите во однос на заработувачката.

Нетфликс имал најголема заработувачка во првата четвртина од 2017 година, по што следуваат Лајн, Тиндер, Пандора и Спотифај.

Приходите на Нетфликс од година во година се зголемуваат, односно 286 отсто, или пресметано во пари – од 34,6 милиони пораснале на 133 милиони долари.

Симнувањето на апликациите се зголемило за 14 отсто низ годините, односно од 11,9 милијарди до речиси 13,5 милијарди преземања минатата година. Речиси 4,7 милијарди од сите преземања се од онлајн продавницата на Епл, додека 8,8 мијарди се од онлајн продавницата на Гугл.

Од аналитичката фирма појаснуваат дека во рангирањето не влегуваат апликациите за игри.