ФЕИТ најавува модернизирани студии и мобилност на студентите

Модернизирани програми, во согласност со новите трендови во образованието на инженерите по електротехника и информациски технологии, најавува Факултетот за електротехника и информациски технологии (ФЕИТ) при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, за новата студиска 2017-2018 година.

Деканот на ФЕИТ, Димитар Ташковски, на средбата со новинари, посочува дека ги следеле меѓународните насоки според кои, покрај широките основни познавања од сите области на електротехниката, се надополнуваат и знаења од конкретниот интерес на студентот.

Преку усогласувањето на студиите на ФЕИТ со европските и светските програми, Ташковски вели дека желбата е да се олесни мобилноста на студентите и секој од нив да помине барем по еден семестар во странски високообразовни институции.

Деканот го потенцира и значењето на воведувањето на професори-тутори и студентите-демонстратори за бруцошите, кои треба да им помогнат на студентите полесно да се прилагодат на новата средина и во нивното усовршување.

На ФЕИТ има 650 слободни места за бруцошите во учебната 2017/2018 година. 440 од нив се во државна квота, а 210 места со кофинансирање.

Достапни им се седум студиски програми:

  • Електроенергетика, автоматизација и обновливи извори на енергија
  • Електроенергетски системи
  • Електроенергетика, управување и менаџмент
  • Компјутерско системско инженерство, автоматика и роботика,
  • Компјутерски технологии и инженерство,
  • Компјутерско хардверско инженерство и електроника 
  • Телекомуникации и информациско инженерство.

Утре, од 12 до 15 часот, во холот на ФЕИТ ќе се одржи и инфо ден на кој средношколците ќе можат да се информираат за сите прашања поврзани со уписите овој факултет.