Фајнанс тинк: Ги пријавуваат на минималец, им плаќаат во кеш – 18 отсто од работниците земаат плата во плико

Дури 17.8% од работниците во Македонија кои имаат формален договор за вработување, добиле плата во плико во 2017 година, покажува истражувањето на „Фајнанс тинк“. „Плата во плико“ се кешот исплатен на работникот, основа на неформален (незаконски) устен договор со работодавецот, со што газдите за овие пари не ги плаќаат социјалните придонеси и даноци за државата.

„За работниците, ова е начин на неправедно плаќање и намалување на обемот на нивното социјално, здравствено и пензиско осигурување, како и вештачко намалување на кредитната способност“, стои во публикацијата на „Фајнанс тинк“.

Примателите на минимална плата се најпогодени од феноменот „плата во плико“, односно 62% работниците осигурани на минималец добиваат и кеш на рака. Истражувањето покажало дека во просек, платата во плико изнесува скоро исто колку и формалната плата на сметка, во 91% од случаите.

„Ова укажува дека постојат сектори и занимања на кои постои тенденција договорот за вработување да се склучи на минималната плата, со истовремен неформален договор, остатокот од платата да се добива во готовина. За формални плати над минималната плата, процентот на приматели на плата во плико драстично се намалува“, пишува во публикацијата.

Платата во плико е најзастапена кај работниците во градежништвото (мајсторите) со 28% и изнесува скоро половина од нивната формална плата. Потоа следуваат работници во услужните сектори. Работниците во Скопскиот регион имаат највисока плата во плико, а процентуално, според бројката на работници кои земаат пари на рака предничи Пелагонискиот регион, со 42%.

За намалување на проблемот од „Фајнанс тинк“ посочуваат дека е потребен долгорочен напор насочен кон градење на т.н. општествен договор помеѓу државата, работодавците и работниците, воведување на казнени мерки, но и мотивација и едукација на работниците.