Европски градови го оладија „топлото добредојде“ за туристи

„Никогаш повторно вакво лето“ – вака скандираа револтираните локалци во Барселона за време на протестот со кој ги обвинија туристите дека им го нарушуваат секојдневниот живот.

Светски познатата каталанска метропола стана последната европска дестинација која започнува да го повлекува „топлото добредојде“.

Од романтичните канали во Венеција и средновековниот град во Дубровник, до дивата природа на шкотскиот остров Скај, туризмот се претвора во кошмар за голем дел од локалците, и покрај работата и приходот од кој несомнено опстојуваат.

Во туристичката област на Барселона, жители веќе со години се жалат за антисоцијалното однесување на туристите, односно нивните пијанства и секс на јавни места, како и скок на цените за изнајмување што принуди голем дел од локаците да си заминат.

„Не сакаме туристи во нашите згради“, пишуваше на еден од банерите за време на протестот што се одржа минатиот викенд, каде десетина локалци излегоа на плажите.

Слични демонстрации се одржаа и во други делови од Шпанија, која важи за трета светска дестинација за туризам.

Ова лето во Палма де Мајорка, активисти го преплавија пристаништето, поставувајќи ракети што испуштаат црвен чад и фрлајќи конфети врз луѓето кои јаделе во рестораните.

Други, пак, навредувале туристи кои се превезувале до Барселона, боејќи ги прозорците на автобусот и заплашувајќи ги посетителите.

Покрај овие протести, надлежните исто така почнаа да зборуваат за проблемот со преголемиот метеж.

Балеарските острови, на пример, неодамна го ограничија бројот на туристи на 623 000, кои може да престојуваат во хотели или други легални сместувања.

Соочени со протести и критики, шпанскиот премиер Маријано Рахој беше принуден да го брани секторот кој придонесува со 11 отсто во државниот буџет.

„Никогаш не помислив дека ќе треба да го бранам туристичкиот сектор на Шпанија, навистина е без преседан“, рече тој во претходна изјава.

Туризмот придонесува за зголемување на буџетот и кај многу други држави.

Според Светската туристичка организација, една од 10 работи низ светот е поврзана со секторот кој генерира 10 отсто од светскиот БДП.

„Туризмот не е непријателот“, рече директорот на организацијата.

Од 1995 до 2016 година, бројот на интернационални посетители се зголеми од 525 милиони на 1,2 милијарди благодарение на поевтиниот превоз и посетителите од Кина, Индија и земјите од Заливот.

Како резултат на тоа, некои дестинации сега се преполни со туристи.

Дубровник во Хрватска е омилен за крстарење – кој се стекна со дополнителна слава по снимањето на популарната серија „Игра на тронови“.

Стариот град има архитектура која датира од 17-18 век. Локалните жители, сепак, велат дека го одбегнуваат бидејќи „е речиси невозможно да се движи во толпата“.

„Понекогаш за да влезеш во стариот дел од градот, мораш да чекаш во колона цел час на 40 степени жештина“, рече 27-годишната Ана Белошевиќ, која работи во хотелскиот бизнис.

Градоначалникот Мато Франковиќ изјави дека се поставени камери за да го набљудуваат бројот на луѓе кои влегуваат во стариот град и дека властите планираат да го намалат бројот на бродови што крстарат.

Слични мерки воведоа и властите во Венеција, која брои 265 000 жители, а 24 милиони посетители годишно.

Тамошните власти решија да пробат систем со кој ги принудуваат посетителите да направат резервација ако сакаат да го посетат популарниот плоштад Св. Марко, за време на шпицот.

Туристите, исто така ќе бидат казнети со 500 евра ако се прават пикник или се бањаат во каналите.

Во Лисабон, пак, „бумот“ од туристи имаше значајно влијание врз жителите на неговите најстари области како Алфама, која сега е преполна со туристички апартмани и соби за издавање.

„Сега во Алфана е тешко да се најде место за изнајмување поевтино од 1 000 евра месечно, огромна количина на пари ако ја земете предвид платата на еден Португалец, што нормално е пониско од тоа“, вели Марија де Лурдес Пинеиро, шеф на Асоцијацијата за локално наследство.

Дури и на север, на шкотскиот остров Скај, природната убавина привлекува зголемен број на посетители.

Толку многу, што локалните жители почнале да се жалат за бројот на туристи на неколкуте патишта на островот, за оштетувањето на природната средина и недостигот од сместувачки капацитет.

Рифаи сепак предупредува против викањето „не“ на туризмот.

„Истите луѓе кои денес велат дека не ни е потребен толкав туризам, ќе бидат првите што ќе плачат кога ќе го изгубиме“, рече тој.

Турција е одличен пример за тоа. Таму властите се очајни за да го подобрат секторот, кој за нив е клучен откако се случија немирите при неуспешниот пуч минатата година, кога туризмот опадна за 30 отсто.

„Премногу туризам е добар проблем“, вели Рафат Али.

„Најлошо е ако никој не дојде“.