Џиновски робот поставен среде Анкара, архитектите го тужат градоначалникот

Турски градоначалник доби тужба за користење на јавни пари за изградба на шест метри висока статуа на робот во главниот град Анкара, пишува Guardian.

Турската комора на архитекти и инженери, поднесе кривична пријава против градоначалникот Мелих Гокчек за неговата контроверзна одлука да се подигне статуа на џиновски робот, објавија локалните медиуми.

Првично, се мислело дека станува збор за шега, но смеата набрзо се претворила во лутина кога се дознало како таа била платена.

Статуата, која наликува на Трансформер, но не била именувана така поради проблеми со авторските права, е поставена на крстосница за да се промовира новиот градски парк, кој е опишан како „престижен проект“ од градоначалникот. Тоа е само на неколку километри од новата палата на претседателот Реџеп Тајп Ердоган.

Вкупно 20 роботи ќе бидат дел од новиот тематски парк кога ќе биде завршен, пренесе турското CNN. Според претставниците на Комората на архитекти и инженери, роботот е „монструозен“.

Градоначалникот пак, ја брани својата одлука. Тој кратко изјави – „Почитувајте го роботот“.