ДИК одлучува за приговорите на СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ протестира:„Победата е наша и наша ќе остане“

„Изборите беа чиста како солза“, „ДИК да не помислува да ја украде нашата победа“ и „Народот повеќе нема сила да толерира“, беа пораките кои вечерва ги упатија Антонио Милошоски, Илија Димовски и Влатко Ѓорчев пред седиштето на Државната изборна комисија.

Тие им се обратија на насобраните поддржувачи на ВМРО-ДПМНЕ и со своите говори повикаа народот да не дозволи да им ја земат победата на изборите.

„Не сакаме немири и проблеми туку да ни се признае тоа што го заслуживме. Победа со 51 пратеник на коалицијата за подобра Македонија и ВМРО-ДПМНЕ. Има политичари кои виткаат кичма но народот не е таков. Кој има криза нека ја решава во партијата. Две години бевме во криза, дојдовме до избори излеговме и победивме и сакаме да ни биде потврдена.

Срамота е за поличките партии ова бидејки имаше секаде набљудувачи. Сите гласаа мирно и достоинстевно. Тој шо е победник да му се потврди победата. Сакаме ДИК да ја потврди победата, тие се платени и да работат по закон, а тој гласи дека суверен е македонскиот граганин, а тие со своите гласови застанаа зад платформата за напредна и стабилна Македонија. Победата е наша и наша ќе остане. Трпевме две години ама нема да ги трпиме и понатаму“, порача Милошоски.

На неговиот говор се надоврза Димовски, носителот на листа во ИЕ 3, кој рече дека народот не смее да дозволи политики што ќе и наштетат на Македонија.

„Нема да дозволиме државата да ја водат луѓе кои се спремни на најголемо предавство на Македонија. Членовите на ДИК треба да знаат дека вечерва ја носат најголемата одговорност и од нив зависи дали оваа држава ќе биде нормална и просперитетна. Да не мислат дека овој народ има сила повеќе да толерира. Имаме сила да ја почитуваме демократијата и гласот на нородот. Враќање назад нема“, рече Димовски.

Ѓорчев, пак, порача дека толпата нема да си замине се додека ДИК целосно не се произнесе во однос на приговорите.

„Тука сме нека слушнат колку не има. Ги добија сите услови што ги побараа, како никој во светот. Добија министер за внатрешни работи кој што не го заслужија. Добија министер за труд и социјала, добија заменици за финансии, земјоделие, за администрација со право на вето и ад-хок тело за цензура како никаде во светот кое даваше казни само на одредени медиуми. Наметнува цензура и едноумие во 2016 година, како никаде во светот. Тоа ќе биде запишано со срамни букви во историјата на новинарството. Тие казнуваа медиуми, новинари поради мислење или изнесен став. Рекоа дека има 400.000, па 300.000, па 500, па 100 фантомски гласачи за ДИК на СДСМ да утврди да има повеќе гласачи. Лажеа дека заминале 600.000 луѓе, а добија едвај 1000 луѓе во дијаспората. Македонија гласаше и народот одлучи победа за ВМРО – ДПМНЕ и коалицијата. Ова е народот“, рече тој во своето обраќање.

Во меѓувреме, трае седницата на ДИК каде се разгледуваат приговорите на СДСМ. Атмосферата е тензична пред седиштето, но и на самата седница.