Дарко Багески со концерт на Guitar Art Festival во Белград

Македонскиот солист по класична гитара Дарко Багески во среда, 22 март, ќе има солистички концерт на Guitar Art Festival во Белград, еден од десетте најголеми светски фестивали за гитара во светот.

Багески на фестивалот ќе има уште еден концерт – на 24 март, кога на истата локација ќе настапи со пет гитаристи од републиките на поранешна Југославија.

Тие се избрани во проектот „Гитарски интеграции“, а познатиот гитарски композитор Карло Доменикони спeцијално за нивниот настап напиша дело за шест гитари, кое светската премиера ќе ја има на фестивалот.

На задутрешниот солистички концерт Багески во првиот дел ќе свири дела од Мерц, Бариос, Џулијани, во вториот дел ќе се претстави со композиции од Реис, а концертот ќе го заврши со традиционалната македонска песна „Јовано Јованке“.

Дарко Багески (1981) е вонреден професор по гитара на Факултетот за музичка уметност во Скопје, одржува мастеркласи на меѓународни фестивали и натпревари и често е член во жиријата.

 

 

//