Чавков: Акцијата трае две години, пет професори се приведени, тројца на информативен разговор

Петмина професори, од вкупно осум лица, осомничени за коруптивни кривични дела во акцијата „Еразмус“, се приведени во полициската станица во Кисела вода, додека тројца треба денеска да се појават на информативен разговор, соопшти министерот за внатрешни работи Митко Чавков. Осомничените се товарат за повеќе коруптивни кривични дела како, примање и давање поткуп и примање награди за противзаконито влијание, и против нив е поднесена кривична пријава.

Според документацијата до која дошол Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал, во изминативе две години, шестмина професори, еден демонстратор и сопственикот на бифето при Економскиот факултет, преку организирана криминална шема ја искористувале својата службена положба. Тие, директно или индиректно преку посредници, барале од студентите пари и вршеле противзаконски дела, како ставање на нерелана оценка по предметите кои тие ги предаваат, без притоа студентите да покажат соодветно знаење, соопшти министерот Чавков.

„Осумничените во повеќе наврати барале различни суми од студентите, кои се движат од 500 до 1000 евра. За сметка на добиените пари тие им пишувале преодни оценки, кои не ги заслужувале, а документирани се случаи каде студенти добиле оценки, кои или немале право да полагаат, или пак, воопшто не го пријавиле испитот во испитна сесија. Во некои од случаите шемата била разработена, така што сопственикот на бифето, поткупот во вид на парични средства го земал директно од студентите, а потоа го предава на асистентот за тој да ги даде на професорите со цел во индексите на студентите да им пише оценка преодна шест, за преметите кои ги предаваат и покрај тоа што тие не го поседуваат потребното знаење за положување на испитот“, рече Чавков.

Професорите кои се товарат за корупција, предавале по предметите Oснови на економија и Oснови на сметководство, Математика за економисти, Статистика за бизнис и економија, Економија на претпријатија и предметот Менаџмент на мали бизниси. Тие веднаш се приведени, без информативен разговор, по барање на Јавниот обвинител, нагласи министерот. Судија во претходна постапка, пак, издал нареба за вкупно 13 претреси, од кои седум во домовите, четири во професорските кабинети, како и бифето и студентските прашања на факултетот.

„При претресот на еден од осомничените, во возилото, кое го управувал пронајдени се парични средства во износ од 1000 евра и тоа 16 банконоти од 50 евра како и две банкноти од 100  евра кои се предмет на кривично дело. Пронајден е и одземен електронски апарат ајфон 6, во неговиот кабинет се пронајдени и одземени 4 индекси од студенти на економскиот факултет, а во домот на друг осомничен е пронајден и еден индекс. При извршениот претрес во просториите на бифето пронајдени се две пријави за испити, а во просториите на студентски прашања одземени се 17 досиеја на студенти, најчесто од првата студиска година. Исто така, пронајден е нотес со податоци на студенти, со нивни матични и лични броеви“, објасни Чавков.

Во однос на критиките за тоа дека полицијата навлегле во автономијата на универзитетот, тој рече дека Ректорот бил известен за акцијата и дека имале основа, бидејќи се вршела истрага за кривично дело. На прашање зошто дури сега се врши истрагата, тој одговори:

„Тоа не е механичка работа, тоа е оперативна активност и не секогаш може да ја испланирате кога и како да ја заокружите и да ја реализирате. Тоа е жива материја, одлуките се носат во зависност од развојот на случајот и настаните“.

Акцијата, како што нагласи министерот, е базирана на претходни индикатори и истражувања на организации. Такво истражување спроведе Младинскиот образовен форум, објавено во 2013 година, кое покажало дека дури 39 проценти од студентите на УКИМ имале искуство со поткуп во форма на купување книга од професорот, со цел да се добие поголема оценка, а најмалку 30 проценти од испитаните студенти биле директно изложени на непотизам.