Британски тинејџер поправи грешка во податоците на НАСА

Британски ученик неодамна ги контактирал НАСА за да им укаже дека имаат грешка во податоците забележани на Интернационалната вселенска станица (ИСС). Мајлс Соломан, 17-годишен средношколец во училиштето Таптон во Шефилд, работел на проектот ТимПикс, кој им овозможува на учениците од Велика Британија пристап до податоците забележани од детекторите за радијација, за време на шестмесечниот престој на британскиот астронаут Тим Пик на станицата.

Меѓу останатите проекти, Пик учествуваше во истражувачка програма чија цел е да го дознае влијанието на вселенската радијација врз луѓето. Радијацијата на ИСС ја надгледуваат Тајмпикс детектори, кои се вклучени во компјутер и редовно ги испраќаат податоците назад до Земјата.

Соломан и неговите соученици ги добиле мерките од овие апарати во огромна количина табели во Ексел, што им овозможило да вежбаат анализа на податоци врз вистински научни информации.

Кога ги подредиле податоците според нивоа на енергија, Соломан забележал нешто чудно.

„Веднаш почнав да го разгледувам крајот на листата и најмалите делчиња енергија кои беа забележани таму. Забележав дека каде што не треба да има енергија и радијација, всушност пишуваше -1. Првото нешто што го помислив беше: „Не постои негативна енергија“, па сфатив дека се работи за грешка“.

Соломан и неговиот наставник по физика, Џејмс О’Нил, веднаш испратиле мејл до НАСА.

Како што објаснил Соломан за ББЦ Радио, истражувачите во НАСА одговориле дека биле свесни за грешката, но мислеле дека се случува еднаш или двапати годишно.

„Тоа што ние откривме е дека грешката се случува повеќе пати секој ден“, вели Соломан.

„Мислеа дека го поправиле тоа. Проблемот е што некои од алгоритмите кои ги претвораат податоците биле погрешни, и поради тоа пресметале негативен број“, вели физичарот Лоренс Пински од Универзитетот на Хјустон, кој работи на овој проект на НАСА.

Прашан од ББЦ дали во НАСА сметаат дека е срамно што ученик забележал ваква грешка, Пински вели дека не им е срам, туку се многу благодарни.

„Идејата дека ученици можат да соработуваат во реалноста, значи дека имаат можност да наоѓаат вакви нешта“.

ТимПикс е една од многуте иницијативи организирани од ИРИС (Институт за истражувања во училиштата), хуманитарен труст во Велика Британија, кој им дава на учениците и наставниците можност да спроведуваат вистински научни истражувања на училиште.