„Bike & Learn” – Младинска конференција на велосипеди

Решенија за загаденоста и скопскиот градски сообраќај се дел од темите на кои ќе се дискутира на утрешната младинска мобилна конференција „Bike & Learn“, настан кој ќе се одржи на четири локации во главниот град, како дел од одбележувањето на Европската недела на мобилност.

Конференцијата започнува во 10:30 часот во салата на советот на Град Скопје, а групата низ локациите ќе се движи на велосипеди.

Настанот го организираат од Здружението на граѓани за одржлив развој и заштита на животната средина „Гоу грин“ и Центарот за истражување и информирање за животната средина „Еко-свест“.

„Сведоци сме на огромното загадување во градот Скопје предизвикано од моторните возила поради зголемување на возниот парк со над 200 000 стари моторни возила во последните 5 години. После загревањето на домаќинствата, транспортниот сектор е втор  најголем причинител за аерозагадувањето во градот и придонесува за интензивирање на последиците од климатските промени“, велат организаторите.

Младинската мобилна конференција „Bike ‘n Learn” има за цел да понуди решенија за намалување на бројот на автомобили во градскиот сообраќај, и  зголемување на учеството на одржливи форми на транспорт низ градовите во републиката како начини за ублажување на климатските промени, додаваат организаторите.

Тие ги повикуваат сите млади, кои се заинтересирани за учество на конференцијата да ја пополнат онлајн ПРИЈАВАТА за настанот. Доколку немаат велосипед, можат да присуствуваат на било која од работилниците според следнава агенда:

10:30 – 11:15 Сала на совет, Град Скопје
Споделување на автомобил во Скопје – фикција или реалност?
11:15 – 12:00 Канцеларија на Гоу Грин
„Велосипеди за сите“ – што се случи со системот за споделување велосипеди во Скопје
12:30 – 13:30 City Tree
„Smart Ohrid”– концепт за одржлив транспорт, „City Tree”- урбани решенија за климатските промени
13:45 – 14:30 ЕУ Инфо центар
Вело-култура во македонските компании