Белата куќа ги исклучи СНН, ББЦ и Њујорк Тајмс од неформалните брифинзи

Белата куќа на американскиот претседател Доналд Трамп, го ограничи пристапот до неформалните брифинзи за новинари за некои од најголемите медиумски гиганти.

Без да биде дадена причина за одлуката, ББЦ, СНН, Њујорк Тајмс, Гардијан, Политико се меѓу поголемите медиуми на кои им било забрането неформалното комуницирање со портпаролот на Белата куќа во неговата канцеларија. Иако поканети, Асошиејтед прес и Тајм го бојкотираа овој брифинг.

Овој чин доаѓа неколку часа откако Трамп упати нов напад на медиумите, повторно говорејќи дека „лажните вести“ се „непријател на народот“.

Нешто подоцна по овој говор, селектирани медиуми беа поканети во канцеларијата на порпаролот Шон Спајсер за брифингот, во кои беа Фокс Њуз, Брајтбарт, Ројтерс, Вашингтон Тајмс и ЕјБиСи. Спајсер одлуката ја коментираше како „проширување на бројот“ на репортери, предупредувајќи истовремено дека Белата куќа агресивно ќе одговори на „погрешните наративи“ во вестите.

Главниот уредник на Њујорк Тајмс, Дин Баке, изјави дека ова е прв пат, во историјата на весникот, да бидат исклучени од вакви брифинзи. Додека СНН соопшти дека ваквиот развој на настаните од Белата куќа на Трам е неприфатлив.

„Очигледно дека ова е одговорот кога известувате за факти кои не им се допаѓаат. Но ќе продолжиме да известуваме без оглед на тоа“, стои во реакцијата на СНН.