Австралиски средношколци успешно го создадоа „најскапиот лек“, цената му е два долари

Група австралиски средношколци кои имаат само 11 години, успејаа да го создадат лекот Дараприм, кој често им се препишува на луѓе со ХИВ, и ќе го продаваат по цена од само два долари по доза.

Се работи за истиот лек на кој минатата година цената му беше зголемена од 13,50 долари на дури 750 долари по таблета, од страна на Мартин Шкрели, „најомразениот човек на планетата“. Лекот е вклучен на листата на значајни лекарства на Светската здравствена организација.

Средношколците ја создале формулата за лекот со помош на Универзитетот на Сиднеј и членови на Open Source Malaria конзорциумот.

Професорка на универзитетот која им помогнала на учениците со проектот, Алис Вилијамсон, вели дека не можела да престане да мисли на приказната за Шкрели, кој го иницираше порастот на цената минатата година, кога ја купи компанијата Turing Pharmaceuticals.

„Не можев да ја извадам приказната од глава, ми изгледаше многу нефер“, вели таа, „особено затоа што лекот е толку евтин за производство, а се продавал толку скапо цело време“, вели Вилијамсон.

Затоа, дошла на идеја да произведува Дараприм со своите студенти и ученици во лабораторијата.

„Мислев дека ако можеме да им покажеме на учениците дека можат да го направат лекот во лабораторија, без вистинско образование за тоа, можеме да покажеме колку беше бесмислен порастот на цената и дека нема начин тоа да биде оправдано“.

Сепак, учениците морале да размислуваат покреативно за да стигнат до формулата.

„Не можевме да го користиме патентираниот начин, бидејќи имаше опасни реагенси“, вели Малколм Вилијамсон, наставник по хемија на учениците.

Крајниот резултат бил 3,7 грама пириметамин – хемиското име на Дарапримот.

„Тоа се околу 110 илјади долари според продажната цена на лекот“, додава наставникот.

Истражувањето на учениците е достапно онлајн преку проектот Маларија, кој работи на тоа да развие пристапно и евтино лекување за болеста.