Астални проекции – дружба, поезија и слобода за сите генерации

Неодамна се одржа 20-тото издание на поетските читања Астални проекции, настан кој безмалку две години ги сплотува љубителите на пишаниот збор од Скопје на исто место, секој прв вторник во месецот. Идејата за Aстални проекции дошла пред две години – на астал, раскажуваат за Радио МОФ Ана Голејшка и Ѓоко Здравески.

Самото име на Астални проекции е игра од астрални проекции, чувството кога излегуваш од своето тело, и онаа средба на астал кога бил поставен темелот, раскажува Голејшка.

Идејата, вели таа, е секој да има простор да чита и да го презентира своето дело. Многу луѓе не можат да застанат пред публика, но според неа Асталните проекции се простор каде сите што пишуваат, а немаат свои изданија и сакаат да го покажат тоа што го напишале, да го направат тоа.

„Астални се начин да излеземе од шемата – оној кој чита стои напред, сите седат назад и го слушаат. Астални се слобода на изразот, затоа што не е само поезија и проза, туку и џемираме, слемираме, пееме, го имаме и вокално-инструменталниот состав Тркалезна маса. Концептот расте и сè уште не е дефиниран“, додава Голејшка.

Здравески вели дека кога ја добил идејата за првите Астални проекции, воопшто не очекувал дека ќе се развиваат и пораснат во она што се сега. Сличен концепт има и во Белград – „АРГХ поезија“ каде гостувал, па се сетил дека би било убаво нешто слично да има и во Скопје. Сакал да го среди својот интимен живот, но да направи и нешто што досега го немало, „некој себап за луѓето околу него“.

„Она што произлезе од Астални и тоа што се Астални сега, е нешто многу повеќе од она што јас мислев, и многу повеќе од нас. Не сме ние Астални, туку тоа се еден куп луѓе кои доаѓаат, луѓе кои некогаш доаѓале и читале и се овде на секое читање. Некои се само публика, некои читаат поезија, некои свират“, вели Здравески.

Голејшка, пак, смета дека Асталните проекции ѝ  го смениле животот:

„Можеби звучи гломазно и големо, но така е и јас така се чувствувам. До пред две години не знаев точно зошто треба да правам некои работи во животот, но сега знам. Астални не се само место каде луѓето се запознаваат и ги шират своите познанства, емоции и енергија, туку има и многу млади луѓе кои едвај чекаат некој кој е повозрасен од нив да им даде поттик и да ги ослободи“.

Здравески мисли дека луѓето кои доаѓаат на читањата на некој начин се пронашле таму, си го нашле мирот, и е среќен што барем еден ден во месецот имаат можност да се дружат и да го споделат заедничкиот интерес. Но, смета дека е погрешно што луѓето ги сметаат Асталните проекции за здружение или невладина организација.

„Астални проекции се настан, постојат од осум до дванаесет таа вечер и толку“, вели тој. Или, како што ги опишува Голејшка – Астални се „убав миг во месецот“.

Во поглед на публиката и луѓе коишто доаѓаат, велат дека има посетители од сите генерации и професии. Најмладиот „асталџија“ има само 12 години.

Бидејќи во последните 20 изданија поминале многу луѓе и поезија, мислат дека еден ден ќе треба да објават монографија. А, кога би можеле да донесат на Астални некој познат поет, велат дека според нив сите великани на македонската поезија би уживале.

„А, ако треба да нè придружуваат на маса со пиење, дефинитивно ќе ги викнеме и Есенин и Бодлер“, вели Голејшка.

„И Хорхе Густо Падрон“, додава Здравески. „Тој ни е најголемата анегдота. Најавивме дека ќе гостува бидејќи ни е омилен и е редовен на Струшките вечери на поезијата. Тоа беше совршена кромид вест. Но, тие Астални како за беља ги најавија и на МТВ и по сите телевизии, бидејќи ќе дојде познатиот Хорхе Падрон. На крај моравме да објаниме дека нема навистина да дојде“, вели.

Стефанија Тенекеџиева