Анета Николова, ветеринар: Луѓето не се свесни за обврските и одговорноста кога вдомуваат куче

Вистинското познавање на кучињата како вид е на релативно ниско ниво. На сопствениците на овие миленици им недостасува поголема едукација. Вака размислува д-р по ветеринарна медицина Анета Николова од Агенцијата за храна и ветеринарство.

Таа на 24 март ќе одржи свое предавање кое ќе се фокусира на агресивноста кај кучињата. Работилницата, во организација на невладината „Shelter for all“ („Засолниште за сите“) ќе им укаже на посетителите за тоа како да го толкуваат кучешкото однесување и како да реагираат во ситуации кога тоа е агресивно, но и во нормални услови.

„Целта ми е малку повеќе и пореално да го доближам кучето како вид и на љубителите и на оние кои не ги сакаат, бидејќи сметам дека кога постои соодветна едукација и повеќе сознанија на темата, би доаѓало до помалку недоразбирања и помалку немили настани со кучињата. На темата имав можност да поработам со стручен предавач од Кралското здружение за заштита на животни од Англија (RSPCA),  кој беше повикан од Агенцијата за храна и ветеринарство за едукација на луѓето кои кај нас работат со кучиња (дресери и држатели на шелтери)“, вели Николова.

Таа потсети на масовното труење на бездомните животни кое започна по повеќе напади на кучиња врз луѓе. Според неа, неопходно е стопирање на „производство“ на улични чучиња од неодговорните сопственици, но за тоа да се случи, смета Николова, потребно е обележување на животните и санкционирање на несовесните.

„Најчесто кога луѓето земаат куче, не се ни свесни за обврските и финансиските средства кои треба да ги обезбедат во текот на животот на тоа куче, Затоа во склоп на едукацијата за деца „Одговорно сопствеништво на домашни миленици- Be His Hero“ проект на OIE за балканските земји, која ја водам со моите колеги, АХВ обезбеди печатени материјали кои содржат прашалник според кој идните сопственици можат да се запознаат со обврските за чување на куче, како и да си одговорат сами на себе дали се подготвени целосно за таква сериозна обврска. Како вработена во АХВ, истите прашалници и печатени материјали ќе се делат и на хуманитарниот базар“, најави Николова.

Од Агенцијата неодамна соопштија дека ќе набават 100 000 микрочипови за милениците со цел да се следи нивната состојба со вакцини, но и да има информации за сопственикот во случај да го напушти. Поставувањето на микрочиповите е бесплатно, но сопственикот мора да обезбеди пасош и вакцини. Сепак, иако ова е законска обврска, низ минатите години се покажа како неуспешно.

„Тука не станува збор само за пасош и вакцини. Мора да се спомене редовната дехелминтизација и заштита од надворешни паразити како основни превентивни мерки во заштитата на здравјето на кучињата, па и другите домашни миленици. И пак, едукацијата и неодговорноста на сопствениците е главен проблем доколку напоменатите превентивни мерки не се преземаат“, забележува Николова.

Според неа, финансиите потребни за обезбедување на овие работи не е оправдување за несовесноста, бидејќи како што напомена, тие се прифатливи за домашниот стандард.

„Доколку оваа мерка функционира редовно и правилно и уште поважно, доколку се сопре постојаното „производство“ на нови бездомни кучиња од неодговорните сопственици, таа може да даде одлични резултати. Затоа обележувањето на кучињата и санкционирањето на неодговорните сопственици е појдовна и основна точка за решавање на проблемот“, повтори таа.

Општините во Македонија се задолжени да ја спроведуваат програмата „Залови, стерилизирај и врати“. Според Николова,  стерилизацијата и кастрацијата не влијаат на здравјето и квалитетот на животот на животното на негативен начин.

„Помислете само на тоа дека кучката е способна за парење два пати годишно,а мажјаците постојано. Секој пат се истоштуваат, изгладнуваат и борат меѓусебе при секоја таква, популарно кажана „кучешка свадба“. Многу угинуваат од глад или ранети, се шират инфекции итн. Кога би го немало сето ова, би живееле мирно на некое уличе. Од друга страна, работејки на мојата дипломска тема, дојдов до многу информации, меѓу кои и дека доколку стерилизацијата на женката се изврши пред првиот циклус, можноста за добивање на тумот на млечна жлезда се сведува скоро на 0%. Да не зборуваме дека болестите на матка и јајници се исклучуваат целосно. Парењето на кучињата и одгледувањето на малечките е хормонски условено. Значи доколку не се лачат хормоните, кучката и нема потреба да почувствува мајчинство. Можеби чудно звучи но тоа е реалноста. Ова го кажувам бидејки многу од сопствениците мислат дека и го ускратуваат правото да биде мајка. Да, природата и налага да биде мајка, но не еднаш за секогаш, туку одново и одново на секои 6 месеци, цел живот. Можете ли да си го дозволите тоа? Што со сите тие кученца?“, прашува таа.

Николова предлага да постои и некаква помош од државата за оние кои ќе вдомат улично куче. Покрај ова, таа смета дека е потребно поголемо промовирање на вдомувањето на бездомните кучиња, но и повисок стандард на прифатилиштата и шелтерите за овие животни.

„Јас не би сакала да давам свое мислење и оценка на сегашните услови на стационарите и прифатилиштата. Тоа го стори експертот од Кралското здружение против суровост на животните. Можам да кажам само дека препораките беа да се поработи на условите, хигиената и пристапот. Надлежните институции (како АХВ) имаат спремен тим кој го следи напредокот на истите и се надевам дека во брзо време ке постигнеме едно ниво кое ќе биде рамно на развиените земји“, напомена Николова.

Емилија Петреска