[Анализа] Карпош во лето: Има загаден воздух, нема соодветна реакција

Воздухот во општина Карпош е загаден. Над дозволеното ниво. И ова е непобитен факт. И тоа и во јули, и август месец.

За што се работи? Се работи за загадување со PM2.5, мали честички со големина до 2.5 микрометри кои се прогласени за канцерогени од прва категорија, најсилна, кои влегуваат директно во крвниот систем и се разнесуваат насекаде низ телото, предизвикуваат мозочни и срцеви удари, разни типови на рак, респираторни заболувања и ред други болести. Носат во себе тешки метали и други соедниненија кои се во групите на најтоксични.

Светската здравствена организација (СЗО) поради тоа што не постои безбедно ниво на овие честички, поставила 24 часовен просек за PM2.5 кој не смее да надмине 25 микрограми на метар кубен, повеќе од 3 дена во годината. Во Карпош и во тек на летото овој просек се надминува. За другите сезони тоа е правило. Меѓутоа СЗО поради опасноста на овие честички по здравјето на човекот ја лимитира годишната изложеност на PM2.5 до 10 µg/m3.

Според нашиот закон и подзаконските акти дневна максимална вредност нема, а годишната е 25 µg/m3, со маргинана толеранција, околу 26 µg/m3 за оваа година.

Годишната вредност на PM2.5 во Карпош на 14 август 2017 изнесува 54 µg/m3. Тоа е повеќе од дупло поголема вредност од максимално дозволената. А за скоро пет и пол пати поголема од таа одредена од СЗО, зошто нели и најмалата концентрација предизвикува штетни и канцерогени дејства. Инаку, споредбено во Центар за истиот период изнесува 36 µg/m3. Карпош е за 48% позагаденод Центар за PM2.5.

Толку за незагаденоста на воздухот во Карпош.

Каде е проблемот?

Во едно од соопштенијата на општина Карпош, 03.08.2017, градоначалникот немајќи ја таа намера, ги навел проблемите зошто Карпош има проблем со загадениот воздух. Тој истакнал дека Министерството за животна средина (МЖСПП) е надлежно да го третира проблемот со состојбата на амбиенталниот воздух, дека општинскиот инспектор за животна средина постојано ја следи состојбата со воздухот на својата територија и дека во тој момент општина Карпош имала најмала загаденост на воздухот од сите скопски општини.

  1. Проблемот на постојано префрлање на надлежноста како пинг-понг топче помеѓу општините, МЖСПП, Град Скопје. Не е општината надлежна, туку Државниот инспекторат за животна средина, не е ДИЖС, туку Град Скопје, не е Град Скопје, туку општината. И така во круг. Додека некој загадува и вредностите се над дозволеното, не се презема ништо за да се реши проблемот трајно.
  1. Ако општинскиот инспектор за животна средина постојано ја следи состојбата со воздухот во општина Карпош не може, а да не примети дека нешто чудно се случува токму во Карпош. Дека вредностите за PM2.5одат од многу ниски околу 6 наутро (некаде помеѓу 0 и 10 µg/m3) до многу високи околу 20 часот навечер (најчесто помеѓу 50 и 75 µg/m3, иако имало и повисоки вредности). И така скоро секој ден летово. Во исто време во соседната општина Центар овие вредности се движат околу 25 µg/m3 најчесто, со мали покачувања тука и таму. (Минатиот август загадувањето со PM2.5во Карпош било за скоро 3.5 пати поголемо од Центар!) Да биде мистеријата уште поголема, мерната станица во Центар е наменета за мерење на загадување примарно од сообраќајот. Карпош треба да служи како позадинска урбана станица која ќе ни покаже какво е загадувањето во Скопје генерално.

И да, Карпош делумно го потврдува тоа со многу пониските вредности за PM2.5 во текот на утринските часови од тие во општина Центар. Како што рекол градоначалникот, општина Карпош имала најмала загаденост на воздухот од сите скопски општини. Во тие часови. И само тогаш. А така би требало да биде во тек на целиот ден.

Ама не е така. Се појавува необјаснето високо загадување кое се повторува скоро секој ден во одредено време.И вредностите за PM2.5 одат од 1, 2µg/m3 до 75, 79µg/m3 во еден ден!

Интересно е дека во „Извештајот од кампањата за мерење на тешки метали и полициклични ароматични јаглеводороди во Скопје 2015-2016”, индустрискиот сектор на загадување во мерната станица Карпош е идентификуван на север и делумно на исток (станицата е лоцирана во дворот на ОУ Петар Поп Арсов, во Карпош 4), реон кој се поклопува со тој кој жителите на Карпош го посочуваат како место од каде доаѓа загадувањето.

Ова наведува на заклучок дека состојбата не се детектира поради одредени причини и загадувачот продолжува да работи. Дали поради непостапување на општинскиот инспектор за животна средина или на ДИЖС или на Град Скопје или на сите заедно, загадувачот продолжува да загадува, не се открива , не се казнува и не се запира трајно.

Чудниот случај на инспекцијата и инспекторите

 

Инспекцијата за животна средина кај нас е една многу опскурна и мистериозна дејност. Нема транспарентни податоци до кои граѓаните лесно би пристапиле за тоа каде биле инспекторите, кога, на кој закон се повикале, што утврдиле, какви примероци земале, што измериле, дали казниле, зошто не.  Во октомври 2015 годинаво акцијата „Зелено“ осомничени се седум инспектори и службени лица од Министерството за животна средина и Државниот инспекторат за животна средина, како и деветмина сопственици, управители или овластени лица во компании за злоупотреба на службената положба и овластување, примање поткуп и давање поткуп.Меѓу приведените бил и тогашниот директорот на Управата за животна средина.Инспекторите вршеле редовни инспекциски контроли и притоа во записниците од извршената контрола внесувале лажни податоци што не соодветствувале со состојбата на самото место со цел да не бидат казнети загадувачите.

Според државната ревизија на МЖСПП за 2014 година, инспекторите не се повикуваат на законот за заштита на воздухот кога вршат инспекции, ги земаат резултатите што им ги даваат загадувачите, не вршат сопствена валидација на примероци земени од инсталациите, немаат сопствени резултати добиени во државната лабораторија, зошто истата не е акредитирана.

Од 13 само 5 големи загадувачиво тоа време имале сопствени мерни инструменти да го следат загадувањето на воздухот, а по закон должни биле сите. До Комисијата за прекршоци не било доставено ниту едно барање за прекршочни санкции иако постоеле услови за истото.

Во декември 2016 пријавите од општина Карпош за случајно откриени две фирми како горат на гола земја остатоци од алуминиум, гумени парчиња и остатоци од старо железо не стигнале во ДИЖС, каде ниту знаеле, ниту ги виделе пријавите. Ако нема пријава, нема постапка за одземање на дозвола за работа. За да се одземе лиценцата за работа, фирмата треба двапати во годината да има пријава за таков тип на прекршок. Ако фирмата првпат го прекршува законот, се казнува само парично. За да има двапати во годината пријава, мора да има инспекција која ќе го утврди, процесира и казни прекршокот, за на крај да ја одземе лиценцата за работа. Кај нас по сè изгледа има проблем во сите чекори на постапкава.

Во сегашнава ситуација во Карпош, државниот инспектор за животна средина Дарко Блинков вели дека во координација со oпштина Карпош се следи состојбата со загадувањето на воздухот и заеднички се делува. Градоначалникот изјави дека МЖСПП е надлежно да го третира проблемот со состојбата на амбиенталниот воздух. Би требало да имаме решение. Но, тоа изостанува.

Општинската инспекција вели дека нема услови да излезе на терен надвор од работното време, дека нема доволно кадар, комуналниот инспектор заминал во пензија, потребна е асистенција од полиција и потребна е наредба од Градоначалникот. Државниот инспектор за животна средина вели дека колешките од општина Карпош преземаат вонредни надзори надвор од работното време кај улицата на телевизија Канал 5 и дека се постојано во контакт. Општина Карпош вели дека нивните комунални инспектори постојано се во состојба на „пасивни дежурства“, односно 24 часа на повик, а на терен се и во попладневните часови и во сабота и во недела.  Кој прави вонредни надзори вон работното време, а кој нема услови и не може поради потребна наредба од Градоначалникот??? Кои комунални инспектори се 24 часа на повик, на терен и во сабота и во недела и во попладневните часови, а каде комуналниот инспектор заминал во пенизја и нема новопоставен на негово место???

Дали зборуваме за иста општина??? За жал да.

Викендот, од 5 – 7 Август, жителите на Карпош искусија двојна доза на чад, наутро и навечер. Во исто време PM2.5 покажаа создавање на два пика во тек на денот,  наутро и навечер. Општина Карпош за тој викенд организирала ноќни „ еко“ патроли со овластениот инспектор за животна средина и комуналните редари, заедно со полицајци од ПС „Карпош“ за превенција од можни палења на отпад и загадување на амбиенталниот воздух на територијата на општината. Не забележале ништо што би можело да биде потенцијален загадувач на воздухот. А двојна доза баш тој викенд добија жителите на Карпош. Интересно??? Па, да не е во прашање канцерогено и високо токсично, мутагено загадување, можеби и би било. Но, во случајов е поразително. Интензивен мирис на изгорена гума, хемикалии, чад кој гребе грло и пече очи наутро и навечер се шири низ цела населба, а инспекторот, комуналните редари, полицајците во еко патроли не забележуваат ништо што би го загадувало воздухот. Рубрика Верувале или не.

Алармантна состојба, да или не?

Карпош има дневни надминувања и на PM10 во истиов период:на 30 Јуни, 1, 23, 24 Јули, 7, 11, 12 Август вредностите биле56, 70, 53, 55, 53, 53, 58 µg/m3 соодветно.

PM10 исто варира во тек на денот, со јасно изразени пикови и падови, од под 25 до над 50, 75, па и 100 µg/m3. Вредностите на PM10 во Центар во исто време, со ретки исклучоци, се движат помеѓу 25 и под 50 µg/m3.  Објаснување? Некој??

Поранешниот државен секретар на МЖСПП Соња Лепиткова во “Карпошови мистерии: Загадување има, загадувач нема?” од 13.08.2017 вели дека ова не е нешто што треба да ги плаши граѓаните и дека Македонија, кога станува збор за дозволена концентрација на микрочестички во воздухот, отишла построго и од земјите во Европската Унија, дека се подготвил закон каде дозволената концентрација на микрочестички на метар кубен е 150. Според неа, прагот на алармантност не е надминат и за состојбата да биде прогласена за алармантна треба во континуитет од 3 до 5 дена да биде надминат прагот на дозволена концентрација на честички во воздухот и нема простор за паника.

Лепиткова констатира дека нема простор за паника. Што треба да има, покрај тоа што средe лето не можеш да дишеш, се гушиш, гласот ти засипнува од чад, очи те печат, затвораш прозори на 40 степени, мириса на изгорена гума и други хемикалии, полно е со диоксини кои се најтоксични хемикалии, најпотентни канцерогени, предизвикуваат мутации, хормонски пореметувања, делуваат на плодот во формирање, го оштетуваат имунолошкиот, нервниот, репродуктивниот систем, доведуваат до промена на сексуалната ориентација, а се таложат во масното ткиво и со тек на годинитесе зголемува нивната концентрација?! Не ни е малку ГМО храна, па создаваме ГМО генерации?!

Воедно, ниту 150 µg/m3 е дозволената концентрација за PM10 (50 µg/m3 е), ниту пак прагот на алармирање се смета за надминат ако 3 до 5 дена PM10 се над 150 µg/m3 (сегашниот на сила за PM10 е 10 дена по ред над 100 µg/m3 плус стабилна временска состојба со појава на магла во наредните 5 дена, а новиот предложен од МЖСПП е PM10 два дена по ред над 250 µg/m3 првата година, за да стигне до 200 µg/m3 во 2022 и тие вредности да бидат измерени во 50% од мерните станици во Скопје, плус со прогноза за стабилно време во наредниот период), а сигурно не сме отишле построго од земјите на ЕУ во ниеден поглед со вакви ненадминливи прагови, што значи со непреземање на мерки за намалување на загадувањето. Тука сме можеби водечки. Ние само констатираме колку е лоша, колку е токсична, канцерогена, смртоносна состојбата со загадувањето на воздухот, ама прагот не бил надминат, не било ова причината, туку она, надлежен не е овој, туку оној и така во круг од непреземање на конкретни мерки кои ќе го намалат и решат трајно загадувањето.

Да беше зима, ќе се препишеше на греењето на дрва и други материјали. Ќе беше “домаќинствата се криви”. Ама не е зима и нема греење.  Температурна инверзија исто нема. Сообраќајот не е, не само поради фактот што ова се случува во полупразно Скопје, туку и затоа што во Центар токму загадувањето од сообраќајот се мери, а Центар периодов е далеку почист од Карпош. Почвата не е исто, разнесување во воздух од градежни активности и сл. зошто во таа околина не се крева толкава количина на прашина во воздухот секоја вечер.Пожари исто не се, зошто ова се случува недели пред, за време и после пожарите. Единствено што тогаш може да се зголемени вредностите за PM2.5 и PM10, но пиковите и падовите во текот на денот остануваат. Пожарите не се движат по иста траекторија и не може да горат само навечер, а преку ден не. Она што можат е да служат за маскирање на позадинското загадување, како вечерта на 3 Август, кога пожарот на Матка гореше, а група граѓани самоорганизирано за помалку од половина час наиде на запален оган на отворено од кој се креваше силен дим и ширеше интензивен мирис на запалена гума во една уличка наспорти Црвен Крст на улица 1506.

Остануваат недозволените горења на кабли, гуми, отпад и друго во потегот покрај Вардар кои редовно се случуваат во летните месеци, не само во Карпош, туку и во Центар, Аеродром, Гази Баба. Сите знаат, ама никако да се реши овој проблем трајно.

Тие си горат, полиција, надлежни, инспектори знаат, отпадите си го откупуваат металот, отпадот се гори и така си тече непречено од година во година.

Останува и непознатата индустрија, таа на север од мерната станица и делумно на исток. Која е?

Зошто никој од надлежните не реагира? Зошто сите ја минимизираат и покриваат состојбава? Кој сè е замешан тука?

Загадување има, потврдено. Надминување има, исто потврдено. Дописи до надлежни има, потврдено. Пријави во полиција исто има, потврдено. Контрадикторни информации од надлежните, потврдено. Нема само соодветна реакција која ќе каже кој е загадувачот, каде се наоѓа, дека е поднесена пријава, деке се осомничени тие и тие лица за злоупотреба на службена положба и овластување, за поткуп и дека загадувачот е затворен. Кој ќе биде прв што ќе го разбие овој маѓепсан круг на врзани садови?

Анализата ја направија граѓанските иницијативи „Стоп на Загадувањето“, „Воздух Сега!“ и „Ние сме Карпош 4“