Александар Ефтимовски: Изложувам во Гевгелија за да ја збогатам културната понуда во помалите места

Александар Ефтимовски е млад скулптор од Скопје, кој дипломирал и магистрирал на школа за скулптура во Италија. Викендов во Гевгелија се отвори неговата изложба Illuminate, што на италијански значи осветлено. Со неа сака да потенцира дека секоја скулптура не е формирана само од физичката форма, туку и од сенките. „Секоја скулптура со различна светлина може да изгледа како нешто друго„, вели Ефтимовски во интервју за Радио МОФ. „Тоа е карактеристика на скулптурата – третата димензија, за разлика од дводимензионалните слики и графики. Без сенка таа димензија не може да дојде до израз“.

Зошто токму вајарство? Како решивте да студирате во Италија?

Сé дојде случајно. Бев околу шесто-седмо одделение. Почнав да одам на часови за цртање во ателје, каде ми рекоа дека добро ми оди уметноста. Се запишав средно уметничко, и одлучив да пробам со скулптура. Некаде при крај на средното образование, се распрашав за студии во Фиренца. Бев на приемен и таму и во Скопје. Ме примија и на двете места, и се одлучив за Италија.

Скулптурата, а на некој начин и модерната уметност, доаѓаат од тој регион – од Италија и од ренесансата. Таму скулптурата се развива најмногу, особено обработката на камен, бидејќи има школи посветени конкретно на таа област. Прво одбрав кој материјал најмногу ми лежи, каде има најпосветена школа за тоа, и нештата едно по друго водеа кон Италија.

Зошто се одлучивте скулптурите да ги изложите во Гевгелија?

На автор, особено со камен, му треба повеќе време да создаде дело. Не е како со сликањето или други медиуми. Бидејќи минатата година имав изложба во Музеј на Град Скопје, мислев дека во Скопје треба да изложувам барем преку една година, за да не се засити публиката. На тој начин сакав и да ја збогатам културната понуда и во помалите места, каде поретко се прават изложби.

Имате добиено бројни награди и признанија, меѓу кои и наградата на Биеналето во Сан Николо. Високо образование сте завршиле во Италија, лулката на уметност. Што ве врати назад во Македонија?

Нема голема разлика меѓу творењето овде и таму. Често патувам, посетувам саеми за уметност, биеналеа и слично. Имаме различни типови на убав и квалитетен мермер во Македонија. А, животот таму чини повеќе. Во Карара, каде магистрирав, од вкупно 10000 жители, 1000 се занимаваат со скулптура во камен. Кај нас, нема ниту десет во цел регион.

Во последниве неколку години професијата скулптор е релативно популаризирана во Македонија, најмногу поради проектот Скопје 2014. Кое е вашето професионално гледиште на изгледот на Скопје денес? Сметате ли дека „пренаселеноста“ на скулптурите има негативно влијание на вистинската вредност на оваа уметност?

Јас се занимавам со апстрактна скулптура, а во проектот Скопје 2014 има само фигуративни скулптури, односно споменици. Можам да кажам дека сум критериум само да ја препознаам техничката обработка, за што немам некое особено мислење. Има и добри и лоши скулптури.

Зборувајќи за Скопје 2014, ја направи ли вашата професија поисплатлива?

За некои луѓе да. Од тие колеги што ги познавам и кои се занимаваат со скулптура, ретко кој доби проект. Мислам дека таму спаѓа само некоја одредена група на луѓе.

Имате изложувано свои дела во Скопје, Љубљана и Минхен, а сте биле дел и од повеќе групни изложби низ светот. Според вашето искуство, има ли кај нас публика која ја почитува скулптурата? Каква е позицијата на оваа уметност кај нас, а каква во другите земји низ светот?

Мислам дека за зрно повеќе, но и тука генерално има доста голема публика. Доста луѓе се занимаваат со уметност, не само со скулптура. Во Македонија, сепак, луѓето поретко купуваат скулптури и досега овде не сум продал ништо. Во Германија, каде главно продавам, цените се солидни.

Стефанија Тенекеџиева