13-годишно девојче во Белград повредено при играње на Покемон

Тринаесетгодишното девојче Т.Н. е тешко повредено вчера во Белград, кога на неа налетал автомобил додека бркала покемони.

Детали за сообраќајната несреќа се уште не се знаат, но неофицијално, се работи за комплицирани повреди, иако девојчето не е во животна опасност, јавуваат српските медиуми.

Според очевидци, таа истрчала на улица за да го фати покемонот, без да погледне кон автомобилот кој доаѓал.

Ова е прв ваков случај на балканските простори, иако пред неколку дена беше избегната несреќа кога неколку играчи во Босна и Херцеговина влегле во минско поле за да бркаат покемони.

Играта „Покемон Го“ функционира така што се уклучува геолокација на мобилниот телефон и се прикажува мапата по која играчот се движи додека не се појави покемон.

Тогаш, играта се префрла во виртуелна реалност, односно на екранот на мобилниот се гледа реалниот простор во кој играчот се наоѓа преку камерата на телефонот, а покемон може да се појави секаде.