11 жени и 11 мажи во кабинетот на Макрон

Францускиот претседател Емануел Макрон го објави својот родово балансиран кабинет, во кој половина од 22-те места се доверени на жени.

Олимписката шампионка во мечување, Лора Флесел, е назначена за министер за спорт, додека министер за одбрана (кое се смета за едно од петте клучни ресори) ќе биде Силби Гулард.

Освен родовата еднаквост, кабинетот на Макрон е составен и од личности кои се движат од едниот до другиот крај на политичкиот спектар. Министерот за економија, Бруно Ле Мар е умерен конзервативец, министерот за внатрешни работи Жерар Коломб е социјалистичкиот градоначалник на Лион, додека министерот за правда, Франсоа Бајру е искусен политичар од центарот.

Ова предизвика пореметување кај француската десница. Откако Макрон го назначи за премиер републиканецот Едуар Филип, 170 претставници на конзервативците го поддржаа проектот на новиот француски претседател и покрај критиките кои ги добија од другиот дел на десничарите. Еден од парламентарците дури и го обвини Макрон дека го „растура“ политичкиот пејзаж во земјата.

Помеѓу другите назначени претставници на власта се и Жан – Ив Ле Дриан, кој ќе биде задолжен за надворешните работи, како и познатиот активист во сферата на животната средина и новинар документарист, Никола Хуло, кој е назначен за министер за екологија. Марлен Шиапа, која преку нејзиниот успешен блог „Мама Работи“ стана „портпарол на сите мајки кои одат на работа“, е назначена за помлад министер за родова еднаквост.

Лора Флесел, олимписката шампионка во мечување е нова министерка за спорт на Франција ФОТО: АФП

Лора Флесел, олимписката шампионка во мечување е нов министер за спорт на Франција ФОТО: АФП

Минатата недела, Макрон ја објави и листата на 428 кандидати за престојните парламентарни избори кои неговата партија „Напред!“ ќе ги понуди на француските граѓани.

Повеќе од половина од нив доаѓаат од граѓанскиот сектор, додека точно половина се жени. Најмладиот кандидат на партијата на има 24 години, околу 10 кандидати се невработени, 20 се пензионирани додека на листата има и неколку студенти. Просечната возраст на кандидатите е 46 години, во споредба со 60 години колку што беше просечната возраст на парламентарците во заминување.

Кандидатите се избрани од скоро 20 илјади заинтересирани апликанти, според петте неопходни услови кои морале да бидат исполнети, поставени од тимот на Макрон:

  • Половина да бидат жени
  • Половина да доаѓаат надвор од политиката
  • Сите да имаат чисти криминални досиеја
  • Да има кандидати од сите политички погледи
  • Сите да се потпишат и приклучат на реформското движење на Макрон

Според последните анкети, партијата на претседателот Макрон е многу блиску до обезбедување апсолутно мнозинство во новиот парламент на изборите кои се одржуваат во два круга, на 11-ти и 18-ти јуни.