„Зоки Поки“ ќе се гледа и во Србија на националната телевизија „РТС“

По најавите за емитување на детската ТВ-серија „Зоки Поки“ во Шведска, Норвешка, Данска и Финска, од продукцијата „Кино Око“ денеска соопштија дека таа ќе почне да се емитува и во Србија, на националната телевизија „РТС“.

Од продукцијата велат дека емитувањето на овие значајни национални телевизии во Скандинавија, но и во соседна Србија е достигнување кое е од историско значење за македонската кинематографија, додавајќи дека и покрај големиот меѓународен успех, во неизвесност е снимањето на втората сезона од серијата.

„Се радувам што серијата ќе се прикажува и во Србија. Голем е предизвикот Зоки Поки да се емитува на ʻРТСʼ која негува висок квалитет на продукција, особено во последните години кога во оваа држава има експанзија на производство на голем број квалитетни серии. Со нетрпение ја очекувам реакцијата на децата од соседна Србија“, вели продуцентот на серијата Роберт Насков.

Инаку, модерната екранизација на популарната детска книга на писателката Оливера Николова, е во продукција на „Кино Око“, во копродукција со Македонската радио телевизија и со финансиска поддршка од Агенцијата за филм на Македонија.

Сите епизоди од првата сезона се достапни за гледање на следниов ЛИНК.