Со шатори пред парламентот српските фриленсери протестираат против нов данок

Група српски фриленсери синоќа во шатори преноќија пред зградата на парламентот во протест поради нивното незадоволство од најавените законски промени со кои на дел од граѓание кои заработуваат преку интернет ќе им се воведат нови давачки.

Досега во Србија фриленсерите не плаќаа никакви давачки на државата, а според новиот предлог-закон, кој беше усвоен од владата, би се оданочувале сите оние кои имаат месечни примања повисоки од 32.000 динари (нешто под 17.000 денари). Дополнително се предвидува и ретроактивно плаќање данок за последните шест години за сите оние кои месечно заработувале повеќе од 57.000 динари (30.000 денари).

Од Здружението за работници на интернет (фриленсери), кои го организираа протестот, велат дека не се сложуваат со владиниот предлог, кој иако им излегува во пресрет на оние со мали примања, сепак тврдат дека не е праведен за оние кои имаат повисока заработка.

„Ова не се применува подеднакво за сите и не се сложуваме со решението на владата кое се однесува за периодот наназад. Во врска со периодот во иднина, морам да кажам дека законот е уште полош. Од октомври 2021 година оптоварувањето ќе биде уште поголемо од она што беше предвидено со претходното решение и тоа на некој начин би значело крај за фриленсингот во Србија“, вели претседателот на Здружението, Миран Погачар за Н1 Телевизија.

Според Погачар, иако законот е добар за оние кои заработуваат околу 200 евра месечно, кои нема да плаќаат никакви давачки, тој вели дека за сите оние со преку 300 евра заработка данокот ќе биде проблем и нивната работа ќе стане неисплатлива. Данокот кој се предвидува да се воведе има прогресивна стапка, па така повеќе се оданочуваат оние кои имаат повисоки заработки.

По неговата пресметка, фриленсерот кој месечно заработува 1.000 евра ќе мора да плаќа 470 евра данок, а истовремено и да го враќа стариот долг со околу 100 евра.

Нивните преставници најавија дека проест ќе има и денеска од 11 часот, што според Погачар треба да биде предупредување за власта што би се случило на овие луѓе доколку се донесе законот.

„Ќе продолжиме да влијаеме како на парламентот, така и на владата да се повлече предлогот, повторно да се преговара и да се дојде до решение кое ќе биде прифатливо за сите“, додава тој.