ЗНМ: Смртни закани и навреди кон новинари се недозволиви, бараме реакција од МВР

Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ), преку соопштение до јавноста го осуди наративот на јавното омаловажување и говорот на омраза кој изминативе неколку дена на социјалните мрежи беа упатени кон новинарот Борјан Јовановски.

„На 28 Јануари, Јовановски на својот профил на социјалната мрежа Твитер напишал коментар со содржина во контекст на чествувањето на роденденот на македонскиот национален херој Гоце Делчев кој е веќе во фокусот на јавноста и кај нас и во Бугарија. Ваквиот коментар од страна на Јовановски, кој беше споделен и на неколку онлајн медиуми предизвика реакции на социјалните мрежи кои имаат навредлива, омаловажувачка содржина, но и смртни закани. Омразата директно може да ја загрози безбедноста на новинарите и останати поединци со што кривична одговорност освен сторителите имаат и оние кои ги поттикнале делата од омраза“, велат од ЗНМ.

Од Здружението посочија дека за случајот ќе поднесат пријава до Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика при МВР.

„Слободата на изразување потребно е да се промовира и негува како една од најважните човекови права, но истовремено потребно е да се знае дека остварувањата на овие слободи вклучуваат обврски и одговорност“, додаваат од ЗНМ.