ЗНМ-СЕММ: Транспарентен идентитет и саморегулација за поголем интегритет на онлајн медиумите

Саморегулација, а не регулација за онлајн медиумите, предлагаат Советот за етика во медиумите на Македонија (СЕММ) и Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ).

Претседателот на ЗНМ Насер Селмани и Мирче Адамчевски од СЕММ сметаат дека е потребна пракса во која онлајн медиумите својот интегритет ќе го гарантираат со транспарентен идентитет, а тоа се однесува на сопственоста, уредувачката структура, автори, политика на приватност…

Ставот на ЗНМ против регулација на онлајн медиумуте, според Селмани, се базира на препораката на Советот на Европа за слободата на интернет, донесена во 2016 година.

„Оваа препорака се дефинира како основно човеково право. Македонија како членка на Советот на Европа има обврска да го почитува ова право, да ја заштити и промовира секоја одлука според оваа препорака“, вели Селмани.

Зоран Ричлиев од ЗНМ кој е автор на препораките за зголемување на интегритетот и професионалноста на онлајн медиумите, рече дека факт е оти има големи злоупотреби од онлајн медиумите во Македонија и дека феноменот на лажни вести кој е глобален се поврзува со нашата земја, дека има бројни информативни веб страници  кои се однесуваат  како медиуми, а нивната цел е влијаење на јавниот дискурс и нивно искривување. Според него, овие искривувања довеле до повици за регулација на онлајн просторот. Ричлиев појасни дека една од идеите за саморегулација, е постоењето на СЕММ и ЗНМ кои се занимаваат со подигање на професионалноста и етиката во медиумите. Тој оцени дека регулација на онлајн медиумите е непотребна и оти е невозможна.

Адамчевски од СЕММ смета дека иако онлајн медиумите не се опфатени со медиумските закони, тие се регулирани со неколку  други директни и индиректни закони, односно дека некои одредби од тие закони се однесуваат на онлајн медиумската област.

„Саморегулацијата е поефикасна од регулацијата на интернет медиумите од неколку причини. Во услови на континуирани промени на медиумската технологија таа нуди поголема флексибилност во споредба со државната регулација. Таа е поефикасна и трае пократко од долгите и комплексни судски спорови“, истакна Адамчевски.

Претседателката на СЕММ Марина Тунева ги повика онлајн медиумите да покажат интерес за зачленување во СЕММ. Има критериуми, посочи Тунева, кои ги подготви Советот за тоа како се станува член, а кои треба да бидат исполнети.

„Ако некој медиум или интернет портал пројави интерсес да стане членка на СЕММ тогаш се разгледува како функционира версус критериумите, и ако се процени дека ги исполнува ќе стане членка на Советот“, појасни Тунева.

Позитивната страна на саморегулацијата, според СЕММ и ЗНМ е тоа што овозможува флексибилност и се појавува во улога на механизам за заштита од потенцијално вмешување на центрите на моќ во медиумските содржини, а слабост е тоа што таа изрекува само морални санкции.

МИА