ЗНМ и ААВМУ го осудија селективниот пристап на Владата за акредитација на медиуми

Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) и Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (ААВМУ) преку соопштенија до јавноста го осудија селективниот пристап на Владата за акредитирање на одредени медиуми за следење на настанот на кој ќе се одбележува 151-вата годишнина од раѓањето на македонскиот револуционер Гоце Делчев.

Синоќа дел од македонските медиуми добиле негативен одговор во врска со нивното барање за акредитација на овој настан, без никакво дополнително објаснување, иако апликациите биле поднесени во бараниот рок.

Од ЗНМ велат дека по вторпат реагираат за ситуација во која што новинарите се спречени да ја вршат работата професионално, што пак носи ризик од недоволна информираност на јавноста.

„Потсетуваме дека новинарите и медиумските работници имаат право да бидат присутни на настан од јавен интерес бидејќи тоа е дел од нивната работа, исто како и сите други јавни функционери кои ќе бидат дел од манифестацијата. ЗНМ испрати и допис до Владата на РСМ во кој бара да се објасни и воедно да се промени одлуката за акредитирање на конкретните медиуми, со цел истите да можат да го проследат настанот“, велат од ЗНМ.

Од ААВМУ апелираат да се најде соодветен и неселективен начин преку кој на сите медиумски работници ќе им се овозможи еднаков и слободен пристап до сите настани од големо општествено значење.

„Улогата на медиумските работници е да документираат и пренесат информации од настани кои се од висок јавен интерес, дури и во услови кога се воспоставени посебни безбедносни мерки. Секое попречувањето на нивната работа претставува загрозување на слободата и правото на информирање“, стои во реакцијата на ААВМУ.