ЗНМ и СЕММ: Функционери повторно во напад кон новинарите – ваквото однесување мора да престане

Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) и Советот за етика во медиумите на Македонија (СЕММ) преку соопштение до јавноста го осудуваат односот на министерот за економија Крешник Бектеши кој според информациите во медиумите, вчера за време на прес конференција коментираше дека новинарка од Канал 5 телевизија поставила прашања во име на другите колеги новинари.

Според новинарските здруженија, односот на министерот бил недоличен, дрзок и неприфатлив.

„Потсетуваме дека не станува збор за изолиран случај, туку за негативен тренд на однесување кон новинари што бележи пораст. Државните функционери, се во служба на јавноста и не смее да постои ваков начин на комуникација, кој е крајно несоодветен, непримерен, дрзок и навредлив кон новинарите, а со тоа и кон целата јавност на која треба да и бидат пренесени информациите. Несоодветното однесување со новинарите, кои играат важна улога во информирањето на јавноста, може да ја поткопа довербата во носителот на јавната функција, како и во институцијата што ја претставуваат. Ова може негативно да влијае на угледот и на поединецот и на организацијата, што потенцијално ќе доведе до последици како што се губење на довербата на јавноста, намалена јавна поддршка, па дури и формални санкции. Затоа е важно тие да се однесуваат на начин кој е со почит и професионален однос кон новинарите, дури и во предизвикувачки ситуации. Следејќи ги овие упатства, министерот може да се погрижи да се однесуваат на начин кој е професионален и со почит кон новинарите, а истовремено и ефективно да ги соопштува нивните пораки до јавноста“, велат од ЗНМ и СЕММ.

Здруженијата потсетуваат дека ова е четврти ваков негативен испад на политичар кон новинари во последниов период, откако претходно вакви конфронтирања со новинари имаше и од премиерот Димитар Ковачевски, претседателот на ДУИ, Али Ахмети и советник на министерот за образование, Јетон Шаќири.

„Крајно време е функционерите да ја сфатат сериозноста на својата позиција пред јавноста и да престанат со директни вербални напади и инсинуации за професионалниот пристап кон работатa на новинарите“, додаваат од ЗНМ и СЕММ.

Од ЗНМ велат дека за овие инциденти ќе ги известат партнерските организации, вклучувајќи ги и ОБСЕ, Европската Федерација на новинари – ЕФН и Советот на Европа.