ЗНМ, ССНМ и ААВМУ со осуда за изјавата на Али Ахмети во која етикетира медиуми како „непријатели“

Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ), Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) и Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (ААВМУ) го осудија говорот на претседателот на Демократската унија за интеграција, Али Ахмети кој јавно како „непријателски“ ги етикетираше телевизиите Телма и Алфа.

Тој во своето обраќање пред присутните на партиска трибина во Гостивар, во обид да изрази незадоволство за медиумското известување во врска со партиските активности, овие телевизии ги нарече „непријатели на Албанците“.

„Оваа скандалозна изјава е штетна и може да ја загрози безбедноста на новинарите и медиумските работници а со тоа да се поттикне цензура во поширок контекст. Изјавата е посебно проблематична што доаѓа од претседател на политичка партија која е дел од власта и истата може да стимулира напади и закани врз медиумите и новинарите од страна на партиските припадници, а тоа може да повлече многу негативни последици на слободата на изразување. Сметаме дека јавните функционери, а особено лидерите на политичките партии, треба да се воздржат од изјави кои што етикетираат медиуми, бидејќи тоа е во спротивност со европските вредности кои самите политичари се обидуваат да ги промовираат пред граѓаните“, порачаа од ЗНМ.

Од ССНМ сметаат дека ваквиот говор на Ахмети е недозволив и крајно опасен за слободата на говорот и на медиумите во земјава, како и за демократскиот амбиент за кој тој декларативно се залага во изминатите дваесетина години.

„ССНМ го осудува начинот на кој Ахмети очигледно се пресметува со дел од медиумите кои критички пишуваат за политиките и дејствувањето на партијата ДУИ која е дел од владејачкото мнозинство, притоа безобразно злоупотребувајќи го албанскиот народ реферирајќи го кон него наводно „непријателско“ дејствување на телевизиите Телма и Алфа. Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) уште еднаш сака да потенцира и предупреди дека ваквото квалифицирање на медиумите од страна на политичарите, може да предизвика непријателско однесување кон новинарите и медиумските работници, загрозувајќи ја нивната безбедност. Потсетуваме на слични изјави на високопозиционирани политичари во минатото кои на ист начин, како Ахмети вчера, етикетираа медими како непријателски, по што се зголемија нападите врз новинарите медиумските работилници“, соопштија од ССНМ.

Од ААВМУ во нивното соопштение потсетуваат дека е неопходно почитување на европските стандарди и ги повикаа политичарите да се воздржат од употреба на јазик со кој се дискредитираат медиумите и се поттикнува меѓуетничка нетолеранција и нетрпеливост.

„Јавните личности, а особено претседателите на политичките партии треба да бидат свесни дека слободата на изразување подразбира и одговорност. Наместо да се служат со непримерна комуникација, тие треба да служат за пример и да покажат највисоко ниво на почитување на еден од клучните столбови на демократијата – медиумите“, велат од Агенцијата.