Златен волонтерски сертификат за „Мали Херои“ и волонтерката Билјана Беловинова

Младински културен центар – Битола (Волонтерски центар на Македонија) годинава Златниот волонтерски сертификат го додели на Здружението за заштита на животните и животната средина „Мали Херои“ од Битола на младата гостиварката Билјана Беловинова.

Во 2017 година „Мали херои“ реализираа информативни средби за подигање на свеста и информирање на децата за тоа како да се однесуваат со животните во сите државни градинки, основни и средни училишта во Битола. Годинава вдомија 120 животни и обезбедија можност за вакцинирање и медицинска помош на многу
бездомни животни. Волонтерите на „Мали херои“ се пример за тоа како љубовта кон животните и малку иницијатива може да направи видливо и значајно движење во заедницата.

Здружението е формирано Мали Херои во 2011 година од група љубители на животни кои се обединија со цел да се застапуваат за правата на животните, да едуцираат и да обезбедат подобар третман за бездомните животни. Во здружението има активно јадро од 15 волонтери и уште стотици пријатели и поддржувачи.

Златниот сертификат беше доделен и на Билјана Беловинова за континуиран волонтерски ангажман во заедницата. Билјана е млада девојка од Гостивар која луѓето од градот и околните села ја препознаваат како иницијатор и реализатор на бројни волонтерски хуманитарни акции и активности. Голем дел од своето слободно време го посветува на ангажман во заедницата и давање помош и поддршка на лицата кои имаат низок социјален статус, стари и изнемоштени лица, социјално загрозени семејства како и деца и млади со различни попречености и посебни потреби. Таа освен што помага преку организирање на хумантирани активности, лично се грижи да им обезбеди пристап на овие лица и семејства до социјална и медицинска поддршка и услуги.

Во 2017 година Билјана донесе радост и среќа на лицата на многу луѓе. Семејството на малиот Петар е социјално загрозено. Билјана при носење на донација на семејството, увидела дека малиот штотуку роден Петар се бори со смртта – гладен, несоодветно негуван и недоволно облечен. По нејзина иницијатива неколку поединци и компании од градот донираат свои средства, облека, храна и лекови за Петар, а Билјана обезбеди и медицинска помош за Петар и социјална поддршка за семејството. Малиот Петар веќе по еден месец двојно ја зголеми својата тежина, сега е здраво и среќно дете, еден од највеселите пациенти на ординацијата Нова Медика, неговите родители се едуцирани и ја имаат потребната поддршка да го негуваат својот син.

Благодарение на нејзината креативност и проактивност, а во соработка со Дом на култура од Гостивар и театар Дунек, се реализираше изведба на претстaвата Чорбаџи Теодос. Со средствата собрани од влезниците набавена е нова трамболина за игра на децата од дневниот центар за деца со посебни потреби во Гостивар.
Иницијативата за собирање парични донации за помош на Ивица Стрезоски за операција во Кина, беше отпочната токму преку Билјана и нејзините соработници. На оваа инцијатива подоцна се придружија и компании од градот, уметници и пејачи, се организараа и хуманитарни забави во соработка со младината
на Црвен крст, а Кошаркарскиот клуб „Гостивар“ првиот натпревар во реновираната спортска сала го направи од хуманитарен карактер токму за помош на Ивица Стрезоски.

Во текот на 2017 година, Билјана помогнала на семејствата и со донирање на стар мебел, опрема за домаќинство и други донации.

Националните волонтерски награди во Република Македонија се доделуваат по повод петти декември, Меѓународниот ден на волонтерите, а се воведени во 2006 година востанови. Целта е оддавање на јавно признание на волонтери кои се вклучуваат за доброто на својата заедница, помагаат на други и ја промовираат солидарноста, хуманоста и сите позитивни вредности на волонтерските активности.