Зимски „МакеДокс“ во „Котур“ на 7 и 8 февруари

Здружението за промоција на документаристика ,,МакеДокс“ (MakeDox) на 7 и 8 февруари (среда и четврток) од 19:30 и 21:00 часот во „Котур“ во Скопје организира проекции на два документарни филма од нивното последно четиринаесетто издание.

Влезот на проекциите ќе биде бесплатен, па оттаму советуваат сите кои сакаат да присуствуваат да си зафатат место со време.

Првата вечер ќе биде посветена на програмата на нови автори и од таа причина ќе се емитува филмот ,,Снајка: Дневник на очекувања’’ во режија на Хрватката Теа Видовиќ Далипи.

„Секоја врска подразбира спој на двајца луѓе со различни економски, социјални или религиозни идентитети наследени од семејството. Љубовта, бракот и родителството на Теа, која е Хрватка и Мирсад, кој е Ром, наликуваат на невозможна мисија поради остриот контраст помеѓу системот на вредности и обичаи што ги имаат нивните семејства. Обидувајќи се да го урамнотежат товарот од крутите обичаи, од страна и финансиските притисоци, од друга страна, Мирсад и Теа се на раб да ги разочараат своите најблиски. Притоа, тие ризикуваат и да ги загрозат сопствената врска и изгледите за подобра иднина и за себеси и за нивната новородена ќерка Фрида“, гласи синопсисот за документарецот.

Додека на 8 февруари (четврток) ќе се прикажува документарецот „Помеѓу револуциите“ од режисерот Влад Петри од главната програма кој го одбележа последното издание на „МакеДокс“, здобивајќи се со главната награда Кромид.

,,Зара и Марија се спријателуваат на универзитет во Букурешт, во 1970-тите. Но, во Иран има сѐ поголеми политички превирања и Зара мора да се врати дома. Како што тече деката, тие ја одржуваат врската низ писма каде што ги запишуваат своите напори како жени што се борат за глас, но и  како нивните земји, се движат во различни насоки. Покрај далечината и пречките, нивниот копнеж една за друга останува силен’’, објаснува концизниот нацрт на содржината на филмот.

Инаку, последното издание на „МакеДокс“ се одржа од 17 до 24 август минатата година со тематски фокус на монтажата на документарниот филм.

Проекциите се поддржани од Националната фондација за демократија од Вашингтон – NED, се вели во известувањето за настанот.