„Живеење со Ковид“ – Англија ги укинува сите мерки против коронавирусот

Сите ковид-рестрикции во Англија ќе бидат укинати во четврток, додека бесплатното масовно тестирање ќе престане од први април, соопшти британскиот премиер Борис Џонсон најавувајќи го новиот владин план „Живеење со Ковид“.

Тој информираше дека задолжителната изолација на оние кои ќе добијат позитивен тест на вирусот нема повеќе да биде законска обврска, додека од први април со бесплатни тестови ќе бидат опфатени само најранливите категории граѓани.

Планот наиде на критики од експертите и опозицијата во земјата. Британската медицинска асоцијација соопшти дека планот нема да ги заштити оние кои се во најголем ризик од Ковид-19, додека опозициските партии сметаат дека стратегијата на Џонсон за излез од пандемијата е пребрза и изразија загриженост околу намалување на бесплатните тестирања.

„Денеска не е ден кога прогласуваме победа над Ковид, бидејќи вирусот нема да исчезне“, изјави Џонсон на пресконференција синоќа, додаваќи дека нацијата го надминала пикот на Омикрон и дека се забележува намалување на новите случаи и хоспитализации.

Претходно британскиот премиер пред пратениците изјави дека е време да се напуштат владините ограничувања и да се даде можност луѓето да постапуваат по сопствена одговорност.

Според новиот план од четврток лицата кои ќе бидат позитивни на Ковид-19 повеќе нема да имаат законска обврска за самоизолација, но и понатаму ќе остане препораката да останат дома и да избегнуваат контакт со други лица најмалку пет дена. Рутинското следење на контактите на заразените ќе заврши, а ќе се укинат и паричната помош од 500 фунти за лицата со ниски примања кои ќе бидат заразени со вирусот. Од Први април покрај укинување на бесплатните тестови ќе се укине и обврската за ковид-сертификати за влез во објекти или наставни со масовно присуство.