ЗХГ: Претставничката демократија е мртва, партиите забрануваат да протестираме

„Како што владата на ВМРО во едно минато мрачно време се огради со метална ограда со шилци од тие што наводно ги претставуваше, така сега сите пратенички групи во Собранието го прават истото со наводната ‘безбедносна зона’ околу она што би требало да биде дом на демократијата, дом кој би требало да е симбол на владеењето на народот“.

Вака започнува реакцијата на граѓанската иницијатива Зелен хуман град (ЗГХ) откако во Собранието се предложи и по скратена постапка се разгледува закон со кој дел од просторот околу законодавниот дом, поточно позадинскиот тревник со површина од 1,5 хектари  – ќе се прогласи за безбедносна зона. Предлогот е на претседателот на Собранието Африм Гаши и пратеникот Беким Ќоку, а поддржан е од претставниците на сите пратенички групи.

„Да биде иронијата поголема, најголем дел од пратеничките групи — архитекти на ‘безбедносната зона’ околу Собранието — беа во првите редови на протестите против оградата околу влада што ја крена ВМРО, а сега сите заедно со ВМРО креваат нови, овојпат невидливи — но еднакво исклучувачки — огради околу Собранието за да се заштитат од тие што наводно ги претставуваат“, продолжуваат од ЗГХ.

Според нив, подигање на „безбедносна зона“ околу Собранието во превод значи забрана за јавни народни собири со што не само што се крши Уставот, туку пратениците праќаат јасна порака – претставничката демократија е мртва.

„Оттука, единствено ни преостанува директно вклучување на народот во процесите на носење одлуки. Да живее директната демократија! Доаѓа ера на независните! Доаѓа ера на слободоумни граѓани кои на минатите локални избори покажаа дека се способни да се самоорганизираат и да се самопретставуваат во институциите каде што се носат одлуките“, истакнуваат од граѓанската иницијатива која има свои претставници во советот на Град Скопје.

Според пратениците, предлог-законот е одговор на случајот со катната гаража која требаше да се гради во дворот на Собранието, откако во 2014 година приватен инвеститор го купил државното земјиште на наддавање и добил маркица за изградба. Тој, меѓудругото, предвидува укинување на сите дозволи за градба во зоната кои се одобрени пред неговото донесување.

Меѓутоа, предлог-законот предвидува и ограничувања на движење и собирање во дел на законодавниот дом, забрана за протести, јавни собири и летови со дронови.

„За сите ‘најнародни пратеници’ што се обидуваат да спинуваат дека не се работи за забрана за протести околу Собранието, туку наводната цел била спречување изградба на објект во тревникот, што бара тогаш забрана за протести да е вклучена во предлог-законот? И како таа забрана за протести во тревникот ќе помогне да се реализира целта спречување изградба на објект?“, прашуваат од ЗГХ.

Оттаму го цитираат и членот 21 од Уставот во кој јасно е уредено кои се единствените ситуации кога може да се ограничи или попречи јавен собир.

„Макар тоа било и на 2 метри квадратни тревник до Собранието, а во случајов не се работи за 2м2 се работи за над 1 хектар површина!“, реагираат од граѓанската инцијатива.

Дополнително, тие прашуваат и околу кој друг невоен објект на претставничката демократија постои „безбедносна зона“ и дали оваа „безбедносна зона“ околу Собранието ќе се користи како аргумент за идни „безбедносни зони“ околу останати невоени објекти кои на хартија му припаѓаат на народот, а, како што забележуваат, во реалноста се приватна сопственост на политичките елити од Собранието.