Жена од Ел Салвадор е ослободена по седум години затвор поради абортус

Жена од Ел Салвадор е ослободена од затвор по повеќе од седум години откако беше осудена поради абортус, јавува „Би-Би-Си“.

28-годишната жена идентификувана само како Лилијан во 2015 година беше осудена на 30 години. Таа во државна болница во 2015 година родила девојче кое поради здравствени компликации починало по три дена во болницата.

Во Ел Салвадор има целосна забрана за абортус, а државата има еден од најстрогите закони против абортус.

Лилијан била обвинета дека не се грижела доволно за плодот во нејзината утроба за време на бременоста, а надлежните ја обвиниле и за невнимание и тешко убиство. Лилијан која има 10-годишна ќерка постојано тврдеше дека е невина и изјави дека никогаш не помислила на тоа да ја прекине бременоста.

„Во име на сите мои придружници, ве замолувам да престанете да обвинувате и гоните други невини жени како мене. Ова беше многу голема траума и не ја посакувам никому“, изјави таа на прес-конференција во средата.

Групите за човекови права кои ја поддржуваа Лилијан изјавија дека таа била ослободена во декември, но информацијата дури сега е споделена јавно. Оттаму кажаа дека одлуката на судијата да ја ослободи Лилијан се базирала на фактот дека таа била во ранлива позиција во болница кога го изгубила своето бебе.

Целосната забрана на абортусот во Ел Салвадор беше воведена во 1998 година. Во забраната не се вклучени исклучоци како што е случај на силување или кога бременоста претставува ризик по здравјето на мајката.

Оние кои ќе бидат прогласени за виновни за прекинување на бременоста се соочуваат со затворска казна меѓу две и осум години. Но во многу случаи обвинението се менува во „тешко убиство“ што предвидува затворска казна од минимум 30 години.  Се верува дека десетици жени во моментов отслужуваат казна поради грешно обвинение дека имале абортус.

По кампањите на групите за човекови права, одреден број жени кои беа затворени излегоа од затвор во последните неколку години. Но, некои се’ уште остануваат таму служејќи повеќедецениски казни.

„Инсистираме за правда, за жените да имаат пристап до нашите сексуални и репродуктивни права“, изјави активистката Мариана Моиса на прес-конференцијата во средата.

Претседателот Најиб Букеле кој се очекува да биде повторно избран на изборите следниот месец вели дека планира да ги подобри условите во болниците за да се овозможи породувањето да биде побезбедно. Но, тој истакна дека нема намера да го менува сегашниот закон за абортус. Поголемиот дел од популацијата во Ел Салвадор се или римокатолици или евангелисти кои сметаат дека животот започнува во зачнувањето и треба да се заштити по секоја цена.