Млади Авганистанки приведени и камшикувани од Талибанците поради непочитување на правилата за хиџаб

Шеснаесетгодишни девојчиња се уапсени во Кабул, главниот град на Авганистан претходната недела, поради кршење на талибанските правила за носење хиџаб.

Девојките кои биле уапсени додека шетале во шопинг центар или биле на предавање се обвинети за „охрабрување на други неправилно да носат хиџаб“ како и за носење шминка.

Откако дојдоа на власт во август 2021, Талибанците дополнително го ограничија пристапот до образование, вработување и движење на јавни простори за жените. Во мај 2022 година тие наредија жените да се покриваат од глава до пети откривајќи ги само очите.

Лале е шеснаесетгодишна девојка која заедно со другите била уапсена за време на нејзиниот час по англиски јазик и однесена со полициски камион. Таа изјави дека девојките кои се соочиле со полицијата и одбиле да влезат во возилото биле истепани, додека таа била камшикувана по рацете и нозете додека се обидувала да разговара со нив. Нејзиниот татко подоцна бил лошо претепан поради „воспитување на неморални девојчиња“.

„Мојата облека беше скромна и дури носев заштитна маска за лице – претпазливост што ја присвоив откако дојдоа на власт. Но, тие ме тепаа и покрај тоа, инсистирајќи дека мојот изглед е несоодветен“, изјави девојката.

Таа беше притворена два дена, а за тој период како што рече, Талибанците постојано ги прекорувале поради тоа што учат англиски и поради стремежот да ја напуштат државата. Таа беше ослободена по интервенција на постарите членови од заедницата, а со тоа била принудена да потпише документ со кој се обврзува никогаш да не го напушта домот без покривање на главата. Исто така, сега ѝ е забрането да присуствува на часовите по англиски јазик.

„Кога ја презедоа власта во 2021 година ми беше забрането да одам на училиште, а сега не можам да ги посетувам ниту приватните часови. Веќе не можам да замислувам ништо околу мојата иднина освен да останам дома и да се омажам. Видов колку лошо беше истепан татко ми, бидејќи јас одев на часови. Кога ги видов неговите фотографии, многу се исплашив дека ќе го изгубам. После ова веќе немам мотивација за учење, не го сакам ова искуство пак“, изјави таа.

Главниот потпарол на Талибанците во гласовна порака за „Гардијан“ рече дека семејствата на приведените жени изразиле загриженост дека нивните ќерки се поддржани од странски групи за „несоодветното носење хиџаб“.

„Како резултат на тоа, тие беа одведени во полициска станица и беа ослободени со кауција“, изјави тој, додавајќи дека ваквите приведувања „не се вообичаена пракса“.