Започнува уличниот фестивал Баскерфест

Уличниот фестивал Баскерфест на нова локација и со изненадување за најмладите посетители, најавија организаторите за овогодинешното јубилејно издание. Оваа година, локацијата на одржување е плоштадот Филип Втори ( до Камениот Мост, кај музејскиот комплекс), со престави на два стејџа и Пивска Градина со настапи на музичари од Македонија, но и странски бендови.
 
Фестивалот во Скопје започнува на 12 јуни, а ќе трае се до 21 јуни. Покрај викенд отварањето во Скопје, Баскерфест ќе има и во Гевгелија и Кавадарци, а понатаму и низ другите градови во Македонија( Македонска Каменица, Битола, Берово, Велес, Крива Паланка, Охрид, Пехчево, Крушево, Виница, Радовиш, Кочани)  се до 13 јули.
Секојдневно од 18 до 22 часот ќе има уличен театар, жонглери, кловнови, шоу со оган, одење по жица, магионичари, брејкденсери и аниматори, а до 1 по полноќ, односно за викенд до 2 часот по полноќ, публиката ќе може да ужива во настапи во живо на македонски музичари, како и на гостите од странство. Нина Јанева, Дани Димитровска, Барбароса, The Hounds се само дел од изведувачите во Пивската Градина.
Годинава за првпат на Баскерфест ќе има и детска работилница за мали креативци. Секој ден од 18 до 21 часот, најмладата публика ќе може да се едуцира и да се забавува во посебното катче каде што ќе другаруваат со баскер изведувачите.
По 10 години овој фестивал прерасна во најурбаниот и најпосетуваниот уличен фестивал на Балканот со над 100 учесници од 50 земји во светот.