Започнаа уписите на УКЛО – Битола, најмногу слободни места на техничкиот факултет

Универзитетот „Св. Климент Охридски“ (УКЛО) во Битола од денеска до среда во своите 11 универзитетски единици ќе го реализира првиот уписен рок за нови студенти.

Во новата академска 2023/2024 година, во прва година ќе може да се запишат 2.565 студенти, од нив 1.351 студент за студирање во државна квота, 773 места се наменети за студии со кофинансирање и 441 за вонредно студирање.

Според Конкурсот најмногу слободни места има на Техничкиот факултет-Битола – 380. На Факултетот за информатички и комуникациски технологии ќе може да се запишат 275 бруцоши, додека на Педагошкиот факултет има место за 230 студенти.

На Правниот факултет – Кичево има место за 365 студенти, на Факултетот за безбедност – Скопје има 310, на Факултетот за туризам и угостителство – Охрид 302 слободни места, а на Економскиот факултет во Прилеп ќе можат да се запишат 248 студенти.

Од УКЛО велат дека и оваа година го стимулираат уписот на најдобрите, па така на секоја единица на Универзитетот, од сите студиски програми заедно, на три најдобро рангирани кандидати, ќе им бидат рефундирани средствата од плаќање партиципација за првиот семестар од првата година на студии.

Повеќе информации за уписите на УКЛО може да најдете на следниов ЛИНК.